И денешното рочиште за предметот Монструм во скопскиот суд почна без двајцата обвинети кои се кријат во Косово, а од таму нема одговор за побараната екстрадиција.
Со внесување на исказите на родителите на жртвите и другите материјални докази во записник за главен претрес почна денешното рочиште за Монструм на СЈО за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година.
Постапката продолжи со прикажување на доказите обезбедени со посебни истражни мерки при што, судијата Огнен Ставрев ја исклучи јавноста.
За убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута, но Врховниот суд ги укина пресудите и случајот минатата година почна од почеток, откако го презеде СЈО.
Македонското Министерството за правда се уште нема одговор од Косово за екстрадиција на двајцата обвинети, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.
Претседателот на Судечкиот совет кој го води случајот ,,Монструм”, Огнен Ставрев, рече дека по трет пат се обратил до Министерството за правда за постапката, а од таму му било кажано дека истата е во тек, но се уште нема конкретен одговор од Косово за екстрадиција.
Основниот суд во Приштина веќе еднаш на 29 октомври 2015 година донесе одлука со која не се дозволува екстрадиција на двајцата првообвинети за случајот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири.