Обвинетиот постојано е болен, сега скршил пршлен, па ќе заздравел за еден месец, а во иднина, како што тргнал обвинетиот можеме да очекуваме дека ќе забремени, рече специјалната обвинителка Фатиме Фетаи на денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје, за предметот на СЈО „Насилство во Центар“.
Предметот продолжи без обвинетиот Митко Пецов, за кого беа упатени овие, во најмала рака, непристојни и дрски зборови од јавна обвинителка. А уште поневкусно е тоа што излегуваат од устата на жена, која сигурно добро знае како се забременува, а веројатно и каков говор и зборови се дел од речникот на правник и обвинител.
Судот денеска, по барање на обвинителите, донесе решение да ја издвои постапката за Пецов и да продолжи со сведочење на поранешниот претседател на советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, и актуелниот градоначалник на општината Саша Богдановиќ.
Судијата Душан Јосифов рече дека за Пецов е доставена медицинска документација во која било наведено дека има повреда на десеттиот пршлен и има мислење од специјалист да мирува и избегнува движење, како и да се јави на контрола по еден месец.
Според адвокатот Димитар Дангов, барањето за издвојување на постапката е неосновано и побара одложување до 29 октомври, кое судечкиот совет не го прифати и донесе одлука да се продолжи со рочиштето.
Обвинителката Фетаи на почетокот на судењето побара судечкиот совет да нареди приведување на Никола Груевски поради неговото доцнење на денешното рочиште. По излагањето на неговиот адвокат Дангов, со задоцнување од 15 минути обвинетиот Груевски влезе во судницата.
По ова судијата Јосифов одлучи да ја одвои постапката за обвинетиот Пецов и да го продолжи судењето во кое е обвинет и поранешниот премиер, Никола Груевски.
Во овој предмет покрај Груевски, обвинети се и ексминистерот Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште десетина лица, од кои двајца веќе признаа вина.