Казна затвор од три години за примање награда доби Зоран Милевски – Кичеец, третообвинетиот во случајот „Рекет“, кој вчера на почетокот на судењето го призна делото.
Првоосомничениот Бојан Јовановски и второосомбичената Катица Јанева се изјаснија дека не се виновни. По признанието на Кичеец, судот ја одвои постапката, а рочиштето против Јанева и Боки 13 ќе продолжи на 6 декември.
Судот, исто така, одлучи Зоран Милевски – Кичеец да остане во домашен притвор до правосилноста на изречената затворска казна.
Обвинителката Вилма Рускоска изјави дека казната за Кичеец е очекувана и оти откако ќе ја добие пресудата ќе реши дали ќе поднесе жалба.
– Мислам дека е добра изречената санкција, но сепак откако ќе ја добијам пресудата ќе одлучам дали ќе поднесам жалба за висината на казната. Не очекував повисока казна, зашто сепак е голем распонот од една до десет години со оглед дека досега е неосудуван и особено што призна вина, рече Рускоска.