Мнозинството уставни судии во расправата на денешната седница се изјаснија дека не ја поддржуваат иницијативата за оценување на уставноста на член 1 и член 2 од Законот за амнестија, врз основа на кои беа амнестирани лица инволвирани лица во насилството во Собранието на 27 април 2017 година.

Иницијативата е поднесена од Митко Чавков, екс министер за внатрешни работи директор на БЈБ.

Уставните судии кои зборуваа за иницијативата сметаат дека нема место за поведување постапка и оти Законот за амнестија треба да остане во правниот поредок.

Судијата известител Владимир Стојановски меѓу другото рече дека Уставниот суд не може да се стави во улога на Парламентот и да определува кого да амнестира. Законот за амнестија е донесен во 2018 година.

Подносителот на иницијативата Чавков смета дека селективната амнестија ги крши основните слободи и права на човекот загарантирани со Уставот.

Уставниот судија Осман Кадриу рече дека ова е 6-ти закон за амнестија донесен од Парламентот.

По дебатата за точките од дневниот ред на денешната седница, уставните судии и формално ќе се изјаснат дали ќе поведат постапка по иницијативата.