Обвинетите Бесим Беља и Скендер Демири денеска во Кривичниот суд се изјаснија дека не се чувствуваа виновни за убиство на свиреп начин на Никола Саздовски. По третиот обвинет МВР се уште трага.
Јавниот обвинител Ангел Фидовски рече дека ќе докаже дека двајцата обвинетите заедно со третообвинетиот, кој е во бегство, со умисла го лишиле од живот Никола Саздовски на начин што на 29 јуни 2018 на автобуската кај Алкалоид во Скопје го претепале нанесувајќи му смртни повреди.
Тие му побарале лична карта и го прашале дали тој е Саздо. Тој потврдил и почнале да го тепаат по што Саздовски паднал на тротоарот, а обвинетите без милост со клоци продолжиле да го удираат по глава и градите. Саздовски бил префрлен на КАРИЛ, каде му била констатирана мозочна смрт, а на 9 јули починал.
Обвинителот рече дека ќе докажат дека обвинетите го сториле убиството за што имаат сведоци, но и вешти лица од судска медицина кои правеле обдукција на телото на Саздовски.
Во воведен говор адвокатот Насер Руфи рече дека обвинетиот Беља немал никаква намера, ниту умисла да го лиши од живот Саздовски и додаде дека ќе докажат дека единствена причина за смртта која настапила е поради металната кутија на ЕВН која се наоѓа на автобуската постојка.
Бранителот на Скендер Демири, Асмир Исмаиловиќ рече дека ќе докажат дека ваквото обвинение не може да опстане, бидејќи ако обвинетите му побарале лична карта и почнале да го тепаат… зошто Обвинителството не навело кој и какви дејствија презел. Според него, не е споменато дали делото е извршено со умисла или кој е мотивот. Адвокатите посочија дека ќе докажат дека правната квалификација на делото е погрешна.
Доказната постапка почна со сведочење на Тони Саздовски, татко на убиениот Никола. Тој пред судот рече дека се приклучува кон кривичниот прогон.
По него почна да сведочи малолетничката В.Б., која беше видно вознемирена. Таа стави капа на главата и кажа дека добивала закани преку телефон. Судијката ја натера да ја симне капата, по што нејзиното сведочење беше прекинато за да реши судечкиот совет дали таа ќе сведочи јавно.
По кратката пауза судењето продолжи без присуство на јавноста.
– Обвинетите Беља и Демири немале умисла да го убијат Никола Саздовски, туку сакале само да го истепаат, истакна денска после првото рочиште за убиството на Саздовски, бранителот на еден од обвинетите Насер Рауфи.
Според него, обвинението кое претходно беше квалификувано како насилство, поради протестите на навивачката група „Комити“, дошло до преквалификација убиство.
Адвокатот на семејството на Саздовски, Ванчо Шехтански, рече дека максимално ги користат сите овластувања според ЗКП и дека се задоволни од денешниот исказ на сведокот, малолетничката В.Б.
– Задоволни сме од денешниот тек и од исказот на сведокот. Констатацијата во однос на шпекулациите што се јавија дека повредата е настаната при пад од удар, се демантира во исказот, децидно и јасно, рече Шехрански.
Тој нагласи дека со оглед на тоа што настанот траел повеќе од минута во континуитет, Саздовски примил повеќе удари кои што довеле до кривичното дело кое се става на товар.
Доказната постапка почна со сведочење на Тони Саздовски, татко на убиениот Никола, а потоа почна да сведочи малолетничката В.Б., која беше видно вознемирена. Судењето продолжи без присуство на новинарите и семејствата на Саздовски и на обвинетите.
Следното рочиште, судијката Даниела Алексовска-Стојановска го закажа за 20 ноември кога ќе продолжи со искази на нови сведоци.