Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржи ново рочиште за Бесир Беља и Скендер Демири, обвинети за убиството на дваесетгодишниот Никола Саздовски.
Случајот се наоѓа во доказна постапка, а на последно одржаното рочиште беа презентирани наодите од судска медицина.
Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј.Љ.(19), кој е во бегство, на 29 јуни годинава крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда.
Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули годинава почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој се уште е недостапен за органите на прогонот, распишана е домашна и меѓународна потерница.
Со изведување на материјални докази предложени од Обвинителството денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за убиството на 20-годишниот Никола Саздовски.
Како материјални докази предложени се вештачења на автомобилот, потврди од одземени предмети и анализи, фотографии, психијатриски вештачења, лекарски извештаи и извештаи од МВР.
Во судница се присутни двајцата обвинети Бесир Беља и Скендер Демири, кои се во притвор во затворот Шутка во Скопје.
Судијката Даниела Алексовска на почетокот на рочиштето најави дека по завршување со изведувањето на материјалните докази ќе бидат испитани двајцата обвинети, кои се предложени од одбраната, па потоа ќе се прави реконструкција на настанот.
Адвокатите на обвинетите реагираа на таквиот редослед и побараа најпрво да биде извршена реконструкција на настанот. Тие го известија судот дека сега во оваа фаза го повлекуваат предлогот за испрашување на обвинетите.