Предметот „ТНТ“ за рушењето на објектот „Космос“ е целосно застарен. Ова произлегува од толкувањето на одредбите на Кривичниот законик, односно правното мислење кое го дал министерот за правда Никола Тупанчески, во својство на правник и професор на Правниот факултет во Скопје. Според Тупанчески, кривично дело за кое е запретена казна затвор од над три години целосно застарува по десет години. Тоа значи дека ако обвинителот ги гони ексминистерот и обвинет Миле Јанакиески и ексградоначалникот и обвинет Тони Трајковски заедно со административците за дела сторени во 2011 година, тие застаруваат во 2021 година. Во овој случај, сите обвинети се гонат за злоупотреба на службена положба и овластување, каде минималната казна е три години затвор.
„Ако станува збор за кривично дело за кое според законот може да се изрече казна затвор од над три години затвор, а делото е сторено во 2011 година, релативната застареност е пет години, а апсолутната е десет години.Тоа значи дека за дела извршени во 2011 година, за кои може да се изрече казна затвор од над три години, според Кривичниот законик апсолутната застареност е во 2021 година. Секое друго читање на законот и поврзување со стандард „општ законски максимум“, би било погрешно и би значело повреда“, се вели меѓудругото во правното мислење на Тупанчески, кое го пренесуваат повеќе медиуми.
Обвинението против Јанакиески, Трајковски и административците е за дела, за кои обвинителот Бурим Рустеми вели дека ги сториле во 2011 година, заклучно со август истата година. Според тоа и правното мислење на Тупанчески, делата застареле пред осум месеци.
Ова правно мислење е доставено и до судијата Огнен Ставрев, кој во текот на постапката одби да го изведе како доказ. На истото, повеќето од обвинетите се повикуваат и во текот на завршните зборови, со што бараат судот да донесе одбивателна пресуда. Правното мислење е издадено по барање на адвокатот Влатко Илиевски.
Во случајот, денеска својот завшрен збор го даде Миле Јанакиески.
Не постои ниту еден акт што е потпишан од мене како министер за транспорт и врски, а се однесува на рушењето на објектот „Космос“. Не ни може да има таков акт бидејќи како министер сум немал таква надлежност. Документите што ги потпишав се во насока на овозможување да опстане одобрението за градба, посочи Јанакиески во денешните завршни зборови за случајот „ТНТ“ пред судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани.
Јанакиески вели дека не постои телефонски разговор или СМС-порака каде врши поттикнувачки дејствија кон сообвинетитот Тони Трајковски, а уште помалку кон инспекторката Елизабета Најдовска. Тој додаде дека не постои ни комуникација каде се бара незаконски да се сруши објектот „Космос“ и посочи дека овие два столба, односно поттикнувањето и барањето начин незаконски да се сруши објектот се основните битија во актот. Исто така, нагласи и дека „Фијат Цановски сам истакнал дека бара политичко решение, со што признава дека објектот е нелегален“.
– Се надевам дека преку моите завршни зборови и завршните зборови на мојата одбрана судот ќе донесе ослободителна или одбивателна пресуда. Ако добијам и шеста осудителна пресуда, дали нешто ќе се смени во општеството? Мојот одговор е дека ништо нема да се подобри, освен што Цановски ќе заработи од Буџетот на државата, давајќи поттик на други своето незаконско работење да го прикријат преку политички решенија користејќи ги правосудните органи, посочи Миле Јанакиески.
Тој го спомена и помилувањето од страна на поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, но и, како што рече, мислењето на сегашниот министер за правда, Никола Тупанчевски кој вели дека предметот е застарен.
Според Јанакиески, „ова е единствен предмет на СЈО каде не се штитат интересите на државата и Буџетот и оти предност се дава на приватниот интерес, односно на човек кој незаконски гради и проблемите ги решава преку политика“.
Утре завршни зборови ќе има обвинетиот Тони Трајковски. Покрај Јанакиески и Трајковски, за делото се обвинети и поранешниот премиер Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, како и еден градежен инспектор и тројца вработени во општина Гази Баба.