Судската администрација денеска со исти барања, на два различни протеста го блокираше Скопје. Едните преку УПОЗ, другите преку Независниот синдикат бараат зголемување на платите како функционерите, односно 78% и враќање на додатокот на плата од 35%.

„И да добиеме 78%, никој од овие вработени нема да ја надмине просечната плата, туку само ќе се доближиме до неа“ – Трпе Деановски, УПОЗ

Пред собранието ги исвиркаа пратениците. На власта и порачаа да бира – или тие да ги намалат платите за 78 отсто или на сите да ги зголемат за истиот процент.

„78% веројатно нема да ги добиваат кога ќе паднат од власт. И позиција и опозиција. Кога нема да бидат пратеници и ќе бидат со нас. Со чисти раце се чува здравјето, а со валкани – власта“ – Слободан Трендафилов, ССМ

По завршувањето на протестот министерот за правда прими претставници на УПОЗ на средба.

„Министерството за правда ќе достави Информација до Владата, во соработка со Министерството за финансии да се разгледаат актуелните барања на Синдикатот на УПОЗ за проблемите со кои се соочуваат и висината на платите“, велат оттаму.

Паралелно, Независниот синдикат на судска администрација заедно со Синдикатот на затворската полиција маршираа од Кривичниот суд до Министерството за финансии. Но, нив не ги прими ниту Бесими, ниту Лога.

„Има огромни финансии кои од судството се влеваат во буџетот на РМ, а министерот за финансии ги пренаменува на други ресори, наместо да ги додели во правосудството. Очекуваме да излезе министерот за финансии, да најде слух за нашите барања и да го реши проблемот“ – Јасмина Величковска, претседател на Независниот синдикат на судска администрација.

Од вчера со истите барања штрајкуваат и вработените во обвинителствата. Ги работат само итните предмети. За следната недела, пак, е најавен и штрајк во Државното правобранителство.