Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески очекува  да се остварат планираните капитални инвестиции за годинава и покрај нискиот процент (еден отсто) на нивна реализација во минатиот месец, што, како што изјави, се должи на тоа што не е градежна сезона, а се работи на тендери за предвидените проекти.

– Сега не е градежна сезона, дел од работите што  треба да се сработат се во фаза на тендерирање, така што нашите очекувања се дека капиталните инвестици ќе бидат многу повисоки од ланската година, изјави Сугарески одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на проектот „Безбедни семејни паркинг зони“.

Според Сугарески, ќе се оствари и најавата дека годината ќе биде економска и оти планираните буџетски капитални инвестиции ќе бидат со повисок износ од минатогодишните.

За 15-ина дена со почетокот на градежната сезона стартува реконструкцијата на 40 патишта, за што е подготвена целосната документација.

– Апсолутно ќе имаме економска година и ако ги гледаме сите показатели не само на буџетските средства што се предвидени за капитални инвестиции, туку и надвор од буџетот, како што е на пример Јавното претпријатие за државни патишта што во моментнов има 300 проценти повеќе средства во однос на првиот квартал лани, уверен сум дека сите бројки од она што Владата го има планирано во буџетот, односно буџетските капитални инвестици,  ќе биде остварено, изјави Сугарески.