Околу осум милиони евра инвестираме во реконструкција на патниот правец од Гостивар до Кичево. Реконструкцијата на овој регионален пат е наш приоритет бидејќи е од големо значење за овој дел од државата имајќи предвид дека годишно поминуваат над четири милиони возила, изјави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески од Кичево.
– Вкупно осум милиони евра се инвестираат преку ЈП за државни патишта за реконструирање на патниот правец од Гостивар до Кичево. Ја реконструиравме делницата од Гостивар до Колари и дополнително уште пет мостови. Октомври минатата година започнавме и со реконструкција на оваа делница од Колари до Кичево, но заради временските услови имаше мал застој. Започнато е со интензивно асфалтирање и очекуваме целиот проект да се заврши до крајот на јуни за да може пред летната сезона да овозможиме побезбедно возење на оваа траса, изјави Сугарески, кој очекува голема реализација на капиталните инвестиции годинава.
Според министерот, активно се работи и на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, а годинава се очекува ЈП за државни патишта да заврши со проектирање на првата фаза од Кичево до Букојчани за изградба на нов автопат Гостивар – Кичево.
– Генерално силно сме фокусирани за обезбедување на квалитетна инфрастурктурна мрежа насекаде низ државата и за тоа се реализираат преку една милијарда евра инвестиции, истакна Сугарески.
Како што е веќе познато, СДСМ, од чии редови е министерот Сугаревски, во предизборната кампања ветуваше дека во Македонија ќе изградат 500 километри автопати. Досега од тоа ветување е само пуштањето на автопатот кон Гевгелија, што го изгради поранешната власт, а актуелната само го организираше свеченото отворање со чочек пред еден од тунелите кај Демир Капија.