„Присуството на грчката министерка за култура во Курбиново има особено значење, имајќи ја предвид успешната соработка меѓу институциите од двете земји, особено придонесот на грчките експерти во реализацијата на конзерваторските активности. Конзервацијата е реализирана со стручна поддршка од експерти од Грција, ангажирани врз основа на Меморандумот за соработка со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици, во соработка со експерти од Националната установа Завод и музеј – Битола“, соопшти Министерството за култура и туризам.
На министерката Мендони ѝ беа презентирани значењето и вредностите на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, како и културните и природните вредности на Преспанскиот Регион и значењето на неговото наследство за унапредување на соработката и поврзувањето меѓу двете земји.
На посетата беа присутни и директорката на Заводот и музеј – Битола, Маргарета Спасов, и претставници на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици, со што, наведува Министерството, дополнително беше нагласена важноста на институционалната и стручната соработка во реализацијата на конзерваторските активности.
„Истакнувајќи ја успешната соработка меѓу институциите и стручните лица од Северна Македонија и од Грција, министерот Сулејмани посочи дека завршената конзервација на фрескоживописот во Курбиново претставува конкретен резултат од размената на знаења, искуства и експертиза. Тој ја нагласи и важноста на присуството на министерката Мендони, како потврда за посветеноста на двете земји кон натамошно унапредување на соработката во областа на културата и заштитата на културното наследство“, се наведува во соопштението.
Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново е значаен споменик на средновековното културно наследство и едно од највредните сведоштва на византиската уметност од XII век на територијата на Северна Македонија. Со своето исклучително културно и историско значење, црквата претставува важен дел од наследството на Преспанскиот Регион и значаен пример за потенцијалот на културното наследство да ги поврзува институциите и народите од двете страни на границата.




