Пред 85 години нашите предци се бореа да имаме своја држава. Нашата генерација мора да се избори децата да останат да живеат тука, дома. И тоа е нашата историска задача, порача денеска од Прилеп претседателот на СДСМ Венко Филипче. СДСМ организираше марш во чест на празникот 11 Октомври од Паркот на Револуцијата, Могилата на непобедените до центарот на Прилеп, меморијалниот музеј „11 Октомври“.
– Денес маршираме во чест на борците што ја извојуваа нашата слобода, а почнаа пред 85 години. Маршираме за да им оддадеме почит за нивната храброст и жртва. Ние сме нивните горди наследници. Го паметиме нивното дело, го почитуваме и го чуваме нивниот аманет. Покрај сите наши славни, историски датуми, треба да признаеме дека партизаните ја извојуваа најголемата и единствената победа која доведе до првата современа, национална држава, рече Филипче.
Тој додаде дека антифашизмот е нашиот темел, а „борбата за слободна и праведна Македонија е наша обврска“.

За Филипче, како што рече, „историската борба за слобода денес продолжува преку демократска борба против криминалот, корупцијата, неправдата и политиките на власта кои го поткопуваат достоинството на граѓаните“.
– Не прифаќаме иселувањето да стане нормалност, зашто изолацијата не е опција. Не прифаќаме во 21. век да нема чиста вода за пиење. Не прифаќаме власта да нема одговори и никој да нема одговорност. И, најмногу од сѐ, не прифаќаме една цела генерација да поверува дека за неа нема место во сопствената татковина. Патриотизам е како луѓето живеат денес и што ќе им оставиме на децата утре. Тоа е мерката за успешната политика. Токму затоа, денес сакам посебно да им се обратам на младите. На оние кои имаат 18,20, 25 години. Вашата генерација има друга битка. Битка за иднината, рече Филипче.

Во обраќањето во Прилеп, Филипче порача дека борбата за Македонија денес е борба за достоинството на секој граѓанин, за подобар живот, за правда и за европска иднина, нагласувајќи дека СДСМ нема да се откаже од вредностите врз кои е изградена македонската држава.




