Британскиот премиер Риши Сунак, по повод втората годишнина од руската инвазија на Украина, вети дека Лондон ќе стои покрај Киев „се додека е потребно“ и дека „тиранијата никогаш нема да триумфира“.

„На оваа мрачна годишнина, ние мора да ја обновиме нашата решителност. Ова е моментот да покажеме дека тиранијата никогаш нема да триумфира и уште еднаш да кажеме дека ќе застанеме покрај Украина денес и утре“, напиша Сунак.

„Подготвени сме да направиме се што е потребно, колку што е потребно, додека (Украина) не победи“, додаде шефот на британската влада.

Лондон, кој е еден од главните поддржувачи на Киев, неодамна најави зголемување на воената помош за Украина, која за  2024/2025 година ќе изнесува 2,5 милијарди фунти (2,9 милијарди евра).

Во средината на јануари, за време на посетата на Киев, британскиот премиер најави потпишување на десетгодишен безбедносен договор меѓу Обединетото Кралство и Украина, кој претседателот Володимир Зеленски го поздрави како „договор без преседан“.

Во четвртокот Велика Британија најави нови санкции против Русија и нови испораки на ракети на Украинците.

Фото: МИА архива