Земјите-членки на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа договор за воведување такси за обработка на сите пратки со ниска вредност увезени во Унијата, кои ќе почнат да се применуваат најдоцна од 1 ноември.

Овие нови давачки ќе се додадат на претходно утврдената такса од 3 евра по артикл за „мали пратки“ (под 150 евра) која стапува во сила во јули, а која главно ги таргетира производите од Кина. Европската комисија дополнително ќе го одреди точниот износ на новите такси за обработка. Целта на мерките е сузбивање на нелојалната конкуренција од азиските платформи за онлајн трговија кои го преплавуваат европскиот пазар.

Договорот предвидува и високи казни за платформите кои увезуваат опасни или фалсификувани производи, кои можат да достигнат до 6% од вкупната вредност на стоката увезена во изминатите 12 месеци.

Во екстремни случаи, предвидено е и привремено исклучување на платформите. Во 2024 година во ЕУ влегле околу 4,6 милијарди мали пратки, од кои дури 91 отсто биле со потекло од Кина, што го прави невозможно доследното прегледување на сите производи според европските стандарди.