Меѓу македонските светители-маченци што Македонската православна црква ги празнува со посебно внимание спаѓаат и Петнаесетте свештеномаченици од Тивериопол (Струмица).
Во Службата за нив се вели дека преку нив стана сенародно просветлување на Тиверијците, а Христос им стана познат и на жителите на околината, дека градот Тивериопол и неговата околина од заблудата во идолите кон светлина ги одвеле и дека како сјајни ѕвезди и денес силно зрачат.
За време на владењето на императорот Јулијан Отстапник (361-363) е извршен страшен прогон на христијаните. Тогаш во целата Римска империја биле издадени посебни наредби и биле испратени луѓе да ги спроведуваат. Со тие заповеди секој што ќе се откажел од Христа добивал големи почести од царот, ако пак не сакал да се откаже од неговата вера и не сакал да им принесе жртви на паганските идоли требало да биде подложен на жестоки казни и мачења. Тогаш, пред ваквата опасност од Никеја побегнале во Солун, а оттаму во Тивериопол епископите Теодор и Тимотеј и монасите Комасиј и Евсебиј. Епископот Теодор бил и учесник на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година. Во нивното житие се вели дека оставајќи го Солун се преселиле во Тивериопол што се наоѓал северно од Солун и тука нашле можност да го сеат словото на нашиот Господ Исус Христос во душите на побожните луѓе. Во нивната служба пак се вели дека „преку нив стана сенародното просветлување на Тиверијците, а Христос им стана познат и на жителите на околината“.
По пристигнувањето во Тивериопол ним им се придружиле месните свештеници Петар, Јован, Сергиј Никифор и Теодор (втори), ѓаконите Василиј и Тома, монасите Јеротеј, Харитон и Даниил како и еден мирјанин по име Сократ. За нивното прифаќање на христијанството разбрал и управителот на областа кој се наоѓал во Солун и кој веднаш презел мерки да бидат казнети. Ги фатил и погубил на 28 ноември (стар стил) 326 година. Откако егзекуторите си заминале добродушните христијани ги завиткале нивните тела во бели и чисти чаршави и според христијанските обичаи со ламбади и темјан ги погребале достоинствено, во Тивериопол, секој во посебен ковчег од камен, врз кој ги напишале имињата на мачениците со нивните чинови што ги имале според Христа. Бог ги дарил со чудотворна моќ, така што од нивните мошти многумина болни оздравеле.
Кога градот бил нападнат и разурнат од Аварите и гробовите на Петнаесетте свештеномаченици Тивериополски биле затрупани за подолго време. Но подоцна чудата што се случувале на тоа место го привлекле вниманието на населението, па нивните свети мошти биле откопани и погребани во новоизградената црква, подигната во нивна чест во градот Брегалница (не се знае каде се наоѓал). Во таа црква службата ја вршеле свештеници поставени од св. Климент Охридски. Житието раскажува дека во тој храм во градот Брегалница поради спротивставувањето на струмичани, биле пренесени само моштите на тројцата маченици: Тимотеј, Комасиј и Евсебиј, а другите останале во Струмица. Подоцна и моштите на останатите биле пренесени во храмот.
Од сите краишта на Македонија, но и пошироко, народот доаѓал кај светите мошти на мачениците и барал помош. И се случиле многу чуда. Жена од Струмица што подолго време немала деца забременила по допир на раката на светиот маченик Петар, сакат граѓанин од Брегалница оздравел, исто така, по допирање на светите мошти, немо момче од Главеница проговорило, нем старец на Велигден откако ги целувал светите мошти проговорил „Господи помилуј“, парализиран човек оздравел итн.
Подоцна овој град доживеал катаклизма и бил срамнет со земјата, а настрадале и светите мошти на овие маченици. Останала само една рака за која се претпоставува дека е на Петар, којашто направила многу чуда и излечила многу болни. Потоа, по Балканските војни во 1913 година, некој ја однесол во Кукуш. Во Струмица останал само споменот за светите Петнаесет свештеномаченици чиј спомен месното население го празнува свечено на местото каде се претпоставува дека биле погубени и каде што се случиле многу чуда.
Во кругот на манастирскиот комплекс посветен на овие маченици има старо дрво – брест од чија кора посетителите земаат за да ги чува од разни несреќи. Се верува дека брестот израснал на местото каде што биле обезглавени мачениците. Преданието раскажува дека на местото каде што денес е црквата со придружните објекти порано било пусто место. Се знаело само дека тука се заклани некои светци – маченици. Црквата што ја граделе самите светители со векови била под земјата. Во 1923 година на некоја жена по име Афродита и се сонило дека 15 луѓе барат помош. Таа му го раскажала сонот на отецот Епименонда но тој и другите свештеници не поверувале во сонот. Тогаш таа му се обратила на генералот Мишковиќ кој со својата војска започнал да копа на тоа место. Кога нашле човечки коски го прекинале копањето и местото го вратиле во првобитната состојба. Тогаш населението, со камен од селото Вељуса, направило параклис во кој се молеле. Во него пишува: „Ова е за светите 15 Тивериополските маченици, посечени од паганскиот цар Јулијан Апостата, Амин.“ Сегашната црква е изградена во седумдесеттите години на минатиот век, а во нејзина близина се наоѓа археолошко наоѓалиште од постариот период. Посетителите можат да забележат дека во централната гробница на ова наоѓалиште се наоѓа и фреска посветена на 15-те маченици која потекнува од 9 век.
Преданијата раскажуваат дека петнаесетте маченици се погубени во селото Куклиш. Таму бил нивниот гроб, некогаш по сон бил откриен и бил заграден со каменен ѕид. Бил покриен и тука стоела иконата. Тоа било некаде „тријесе и четрта“. Подоцна во „седумдесе и прва гудина“ било изградено манастирчето што и сега постои. „Тугај се напри ископ на гробо. Се пронајде парче од глава и парче од рака или нога, коска. Тукај мје крфта истечена, тук са масакрирани, тук са парчосувани, а са однесени, са закопани на периферијата на Струмица“. Оттогаш започнала традицијата што и сега се практикува на ден пред празникот, односно на 10 декември, да се раздава како на задуша. „… тук се излева секуја гудина, према утрешњоа ден, цело село излева тука со лепче и чиница и друго, а дуваѓат сите невести ут таа гудина шо са биле, со бели, невестински фустане. Тук се раздава како на мртвен за петнајсте свештеници. Тава је останато од времето и ду ден денеска си стое.“ Друго предание раскажува дека борци на Сремски фронт се зарекле ако останат живи да изградат манастир на тоа место. Така бил изграден овој манастир во селото Куклиш посветен на овие 15 маченици.
(Подготви Марко Китевски)