( Денеска е 18 октомври според стар стил и се слави Свети апостол и евангелист Лука)

Роден е во Антиохија. Во младоста добро ја изучи грчката философија, медицината и иконописот.

Во времето на делото на Господ Исус на земјата Свети Лука дојде во Ерусалим и таму Го виде Спасителот лице в лице, ја чу Неговата спасоносна наука и стана сведок на Неговите чудесни дела.

Откако поверува во Господ, свети Лука беше вбројан меѓу Седумдесетте апостоли и пратен на проповед. Заедно со Клеопа Го виде воскреснат Господ на патот за Емаус (Лука 24).

По слегувањето на Светиот Дух на апостолите, Лука се врати во Антиохија и таму му стана сотрудник на светиот апостол Павле со когошто патуваше во Рим, обраќајќи ги во Христовата вера Евреите и незнабожшците. „Ве поздравува Лука, лекарот љубезен“, им пишува на колосјаните светиот апостол Павле (Колосјани 4, 14). На молба на христијаните го напиша Евангелието, околу 60 година. После маченичката смрт на апостолот Павле, свети Лука го проповедаше Евангелието по Италија, Далмација, Македонија и на други места. Ја иконописаше Пресвета Богородица – и тоа не една туку три икони – а исто така, и светите апостоли Петар и Павле.

Оттука, свети Лука се смета за основач на христијанскиот иконопис. На старост го посети и Горен Египет. Од Египет се врати во Грција, каде што со голема ревност продолжи да проповеда и да ги обраќа луѓето кон Христа, не обѕирајќи се на својата длабока старост.

Свети Лука ги напиша Евангелието и Делата Апостолски, обете посветувајќи му ги на Теофил, кнезот на Ахаја.

Имаше осумдесет и четири години кога злобните идолопоклоници го подложија на маки заради Христа и го обесија на една маслинка во градот Тива (Теба) Беотиска.

Чудотворните мошти на овој прекрасен светител во времето на Константиновиот син, царот Констанциј, беа пренесени во Цариград.