Денеска е 24 август (по стар стил) и се слави Светата маченичка Сира (Кира).

Роднина на света Марија Голиндуха (25 јули). Персијка од градот Хирхаселевкос, ќерка на голем жрец огнопоклоник. Воспитана во незнабоштво, девицата Сира дозна за Христа од некои бедни жени христијанки и нејзиното младо срце се разгоре со љубов кон Господа.

Еднаш кога боледуваше, а додека сè уште не беше крстена, побара од христијанскиот свештеник прав од црквата, меѓутоа тој дури и тоа ѝ го одби, бидејќи беше некрстена. Тогаш таа со голема вера се допре до одеждите на свештеникот и оздраве. Тоа чудесно исцеление уште повеќе ја утврди во Христовата вера.

Но, нејзиниот бездушен татко ја предаде на измачувања, при што беше охрабрувана со небесни виденија. Ја удавија насилно со коноп и ја потопија во вода, во 558 година, во времето на персискиот цар Хозрој I, а во осумнаесеттата година од нејзиниот живот.

Така оваа света девица го заврши патот на земјата и се пресели во Ангелските престојувалишта на небото.