Дененешниов ден во календарот на МПЦ е посветен на Св. свештеномаченик Панкратиј.
Панкратиј живеел во времето кога Исус Христос проповедал во Палестина. Се родил во Антиохија. Кога неговите родители слушнале за Галилејскиот пророк, се упатиле во Палестина заедно со малечкиот Панкратиј. Ја почувствувале силата на Христовите зборови, што ги слушале лично од устата на Спасителот, и целиот дом го примил светото крштение.
Подоцна апостолите Петар и Павле го одредиле Панкратиј за епископ на сицилискиот град Тавроменија, каде што со голема сила и чуда го проповедал распнатиот и воскреснат Христос.
За него и пострадал маченички. Бил убиен со камења од јазичниците.
Католиците денеска ја слават Св. Марија Магдалена.
Таа присуствувала на распнувањето на Исус Христос на крст, а следното утро го видела кога воскреснувал. Сликарите ја сликаат како со солзи му ги мие нозете на Исус, бидејќи била грешник која му се покорила на Господ. Како заштитничка света Марија Магдалена ја слават жените покорнички.