Денеска е 9 мај (според стар стил) и се слави Светиот пророк Исаија.

Овој голем пророк беше од царски род. Роден во Ерусалим од татко Амос, брат на јудејскиот цар Амасиј. Според големата Божествена благодат што беше во него, Исаија се удостои да Го види Господ Саваот на небесниот престол, опкружен со шестокрили серафими, коишто непрестајно пееја: Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот.

Исаија им пророкуваше многу нешта како на одделни луѓе така и на народите. Еднаш, три дена одеше сосем гол по улиците ерусалимски пророкувајќи го брзиот пад на Ерусалим под Асирскиот цар Сенахерим и опоменувајќи ги царот и народните главешини да не се надеваат на помошта од Египќаните и Етиопјаните, бидејќи и тие наскоро ќе бидат покорени од тој истиот Сенахерим, туку да се надеваат на помошта од Севишниот Бог.

И ова пророштво како и останатите се исполни до збор. Но, најважни беа неговите пророштва за воплотувањето на Бога, за зачнувањето на Пресветата Дева, за Јован Претеча и за многу настани од животот на Христа.

Овој видовит маж имаше, заради чистотата на своето срце и заради ревноста кон Бога, дар на чудотворство од Бога. Така, кога опседнатиот Ерусалим страдаше од жед, тој се помоли и потече вода под гората Сион. Таа вода е наречена Силоам (пратена), и на таа вода го упати подоцна Господ слепородениот за да се измие и да прогледа.

Во времето на царот Манасија, кога Исаија грмеше против незнабожечките обичаи на царот и на главешините, изедначувајќи го тогашното поколение со Содом и Гомор, против овој голем пророк се крена гнев од народот и главешините и беше фатен, изведен надвор од Ерусалим и пострада стружен со пила.

Живееше и пророкуваше 700 години пред Христа.