Ѓорги ТАСЕВСКИ

Една кратка приказна од мојот сегашен клас. Влегувам во училницата на класа средношколци, а првата слика е загушлива, непроветрена просторија, со дваесетина ученици, од кои половината не носат маски.

Една девојка киваше без маска на лицето. Мојата прва реакција беше до сите кои не носеа маски, да ги предупредам да ги стават маските, што и го направија.

Следен чекор беше отворањето на прозорецот, со цел целата просторија да се проветри. Веднаш имаше бурни реакции дека учениците ќе одат кај директорот да се пожалат, бидејќи било студено. Поради тоа, наредните пет минути држев мини предавање за здравствени протоколи.

До пред две недели во истиот клас имало двајца ученици позитивни на Ковид. И покрај тоа, отпорот на дел од учениците продолжува, па морав да пресечам и да им порачам дека слободно можат да одат кај директорот и да се пожалат, но јас строго ќе се придржувам до протоколите.

За какви црни мерки и протоколи зборуваме? Ако некој има три грама мозок во МОН, веднаш ќе се одлучи за онлајн настава, додека не се создадат потопли временски услови.

На крајот сфатов дека од мојот час, само 15 минути можев да посветам на предавање, бидејќи остатокот од времето го минав во расправа со учениците за почитување на мерките против Ковид. Дали треба да нагласам дека 70 проценти од часовите се соочувам со такво нешто?

Секој коментар е излишен. Да не зборуваме за тоа колку деца имаат симптоми на настинка, колку од нив кашлаат и киваат. Хорор.