Треба да го прошириме опфатот на комуникацијата и опфатот на тоа што значи да сме добри соседи, треба да го редефинираме, вели Кирил Петков, во првото интервју откако беше избран за претседател на Советот на министри на Република Бугарија (премиер)

Петков ја потврдува најавата за надградување на досегашната бугарска позиција кон Македонија со воспоставување заеднички работни групи што ќе се среќаат најмалку еднаш месечно и ќе разговараат на теми од инфраструктурата, економијата, културата…

Новоизбраниот бугарски премиер, Кирил Петков, ја продолжи реториката за Македонија промовирана уште во текот на кампањата пред последните парламентарни избори, најавувајќи зачувување на досегашната бугарска позиција, но и нејзино конструктивно надградување. Во прв план, Петков планира воспоставување заеднички работни групи на претставници од Бугарија и од Македонија, со фокус на „она што и двете страни можат да го добијат како добри соседи едни кон други“.

Петков не беше прашан за евентуално тргање на ветото на Бугарија во пристапниот процес на Македонија кон ЕУ.

Во продолжение ги пренесуваме интегрално двете прашања и одговорите на нив од интервјуто на премиерот Кирил Петков за Бугарската национална телевизија (БНТ).

БНТ: Дали треба да очекуваме промена на бугарската позиција во однос на … Македонија?

Петков: „Со нашите коалициски партнери јасно дебатиравме и запишавме во коалицискиот договор што треба да се очекува од нас. Ние ја зачувуваме позицијата на Република Бугарија во однос на барањата кон … Македонија, но ја надградуваме. И тука ќе биде новината. Надградувањето треба да се случи преку заеднички групи што ќе работат секој месец, најмалку еднаш месечно, и во нив треба да зборуваме за заедничка инфраструктура, заедничка култура, заеднички економски чекори… Така што, кога зборуваме за дебата и за решавање на заедничките проблеми – да се фокусираме на добрососедство, на она што и двете страни можат да го добијат како добри соседи едни кон други.“

БНТ: Кога ова ќе стане факт и кога ќе воспоставите комуникација со Република … Македонија и со нејзиниот премиер?

Петков: „Во најкус рок. Тоа ќе биде мој приоритет зашто не сакаме да губиме време на никаков начин. Многу време изгубивме досега во изминатите години, така што на министерот за надворешни работи ќе му биде главен приоритет организацијата на овие работни групи за новиот тон што ќе биде многу поконструктивен и ќе почива на заедничките нешта што можеме да ги придобиеме, а не само прашањата што се проблематични, но за тие прашања ние ќе ја држиме бугарската позиција, апсолутно, на ист начин. Едноставно, треба да го прошириме опфатот на комуникацијата и опфатот на тоа што значи да сме добри соседи, треба да го редефинираме.“