Румен Леонидов е еден од ретките директни потомци на славен македонски војвода. Живее во Софија и е горд што е правнук на Леонид Јанков, славен по битката со турската војска на 2 септември во 1905 година кај гевгелиското село Ѓавато, по која, со последниот куршум се самоубива. И денес, во Македонија се чува легендата и споменот за неговото име како за малку кој друг Илинденец. Неговите последни часови се опеани во песната „Трба, трби Гевгелија„ на извонредната Васка Илиева

Дарко Јаневски

– Јас сум од Коста, Костадин, поголемиот син на Леонид, а помалиот е Сандо. Негов син е Александар, татко ми. Имале уште две деца, Трајко и Дана, но умираат. Тие доаѓаат тука во Бугарија заедно со таткото на прадедо ми Леонид, дедо Трајко. Бегаат по Балканските војни, а баба ми, една многу убава Македонка, не многу висока, црноока, со црна шамија на главата, го минува патот со едни тепсии на главата. Мене најмногу ме сакаше зашто јас многу личев на дедо ми, бев скандалџија, многу се тепав, ме викаа Румен Бељата. Дедо Коста бил јатак, всушност кај нас сите се борци, вечно сме бунтовxии, секогаш обратно од тоа што е владеачко во моментот. Но, сите до еден, многу чесни, луѓе од збор и луѓе на делото. И тоа е за мене важно – ни раскажува Румен Леонидов, во еден ресторан на софискиот плоштад Славејков.

Леонидов е поет, неколку пати гостин во Македонија, одличен пријател на Михаил Ренџов. Тој е правнук на Леонид Јанков, македонски војвода, славен по самоубиството во борбата со турската војска на 2 септември 1905 година кај селото Ѓавато.

– Леонид се оженил млад. На 18 години ја зел убавицата Марија од селото Бојмица. Но, не можел да ги трпи неправдите и станал четник. Учесник е и во првата битка на ВМРО против Турците, на чело со Христо Чернопеев, кај селото Бајалци. Учествувал и во Илинденското востание, по што како и многу други побегнал во Софија. И тука, гледал како многу видни дејци на ВМРО седат по кафеаните со курви на колено, јадат, се пијанчат, нешто што тој не можел да го сфати. Многу бил разочаран од тоа. За тоа ли се боревме, за тоа ли изгинаа иљадници луѓе, се прашувал? И немал друг избор, не можел да го гледа тоа, и за кратко време се вратил назад во Македонија и почнал одново со борбата. Денес, јас сум единствен потомок негов директен потомок, имам и братучед, но јас сум единствен по директна линија. Го нарекувале Лав Балкански. Го прашувале од каде му е името, Русин ли е, Евреин ли е, но во тој крај, Мачуково, денешно Евзони во Грција, воопшто во гевгелиско, го има тоа име – вели Леонидов.

Раскажува дека за смртта на неговиот прадедо има неколку приказни. Една од нив е таа за смоквите.

Пуста смоква

– Кога го обиколиле местото Ѓурин Дол каде претпоставувале дека се крие, Турците, мислејќи дека станува збор за цела чета, решиле да ги ликвидираат. А, биле само тројца: прадедо ми, јатакот и курирот. Претходно, дошле двајца од Богданци и се понудиле да учествуваат во битката, но Леонид ги избркал. Им рекол – бегајте! Турците не можеле да ја најдат скривницата и тргнале назад. Во еден момент, прадедо ми видел дека двајца млади Турци кои заостанале ги оставиле пушките и се качиле на една смоква отспротива скривницата да наберат овошје и да јадат. Леонид бил скриен во дупката и ги гледал. Во еден момент помислил дека го виделе и пукал, ги убил. Им ги зел пушките и муницијата, надевајќи се дека војската не ги чула истрелите и пак с есокрил. Но, Турците чуле дека испукала туѓа пушка, се познавало по звукот и се вратиле. Почнала престрелка. Едниот, курирот или јатакот, не знам кој, загинал. Вториот, тогаш ги кренал рацете и излегол да се предаде на Турците, но според тоа што сум го чул, дедо ми го убил. Тоа е тоа што се зборуваше во моето семејство. Колку сето тоа е вистина, не знам, бидејќи сведок на настаните нема.  Имало многу Турци. Не знам дали биле 3.000 војници како во песната, тоа е претерано, но и 300 да биле – многу се. Од нив, според песната 300 загинале. Мислам дека и тоа е премногу, но барем 50 турски војници сигурно биле убиени. Некои загианле од курушуми на самите турски војници бидејќи тие направиле обрач, па тие што пукале од една страна, погодувале војници од другата. Леонид стрелал од различни места, бза да создаде впечаток дека со него се многу четници. Тој бил стрелец што можел да погоди глувче во устата на сокол што лета, убил и тој многу војници, но по извесно време, снемал муниција – ни пренесува Румен.

Кога му останале два куршуми, Леонид Јанков излегол од скривницата и го повикал јузбашијата. Одбил да се предаде, туку стрелал во него. Според една верзија го убил, според друга само го ранил.

– Тогаш, со последниот куршум, се самоубил стрелајќи си со под десната страна на вилицата. Куршумот излегол од спротивната, блиску кај слепоочницата. Тоа бил крајот. Да убиеш човек е грев, да се самоубиеш е уште поголем. Но, клетвата на ВМРО била да не се предадеш жив. И тој така направил, не од страв од мачење, туку затоа што таква била наредбата. И затоа, често палам свеќа за него и се молам да му биде простено, и за убиствата што ги извршил за самоубиството – вели Леонидов.

Живеј си го животот

Дедо му Коста, син на војводата, висок мустаќлија, крут човек кој не изразувал нежности и сентименталности, но изразито чесен, бил исто така бил јатак. Се нашол на списокот за ликвидација во времето на внатрешните пресметки во ВМРО, кога организацијата ја преземал Ванчо Михајлов.

– Кога го прашав како се спасил, ми одговори кратко: Случајно! Дошле двајца да го убијат, но не можеле да се согласат дали е тој или не. На крај, по неколкуминутно натегање, со вперен револвер во него, кога Коста веќе се простил од овој свет, се повлекле. И никогаш не се вратиле – вели Леонидов.

Според него, песната на Васка Илиева е страотно емотивна, но кога бил во Гевгелија му рекле таа не е оригиналната верзија.

– Ми најдоа еден човек со мандолини, кој ја отсвири и испеа бавно, потажно, со грчко влијание. Песната на Васка ја сметаат за скопска верзија, поборбена е и колку што јас знам, била меѓу првите десет кога се правел избор за химна на самостојна Македонија. Знаете, прадедо ми Леонид отсекогаш бил икона. Јас се гордеам со него, иако немам заслуга за неговото дело. Но, тој ми помага да сфатам колку е битно човек во семејството да има луѓе за пример. Тој тип на херојство денес отсуствува. Имал убавица за жена, две мали деца, а тој животот го минал по планините. Кога загинал, едното дете имало три, другото пет години. Каков човек треба да бидеш за да заминеш да се бориш, а да го оставиш семејството? Тоа е друга психолгија која ние не можеме да ја сфатиме. Тоа се нарекува патриот, човек кој се бори за себе, за народот, за слободата и достоинство. Тоа денес веќе го нема. Секој би рекол: Кај ќе одиш да умираш, за што, живеј си го животот и трај!

И споменот за улицата го нема!

Во книгата на Румен Леонидов за неговиот славен предок, пишува:

„Овие редови се посветени на човекот кој буквално изгоре во битката за ослободување на Македонија од турското ропство, по чија смрт благодарниот народ му посвети една прекрасна песна која се пее и денес. За жал, се пее само и единствено во Република Македонија, додека кај нас, повеќе од еден век, не се најде некој кој ќе и посвети внимание… До пред 30-тина години во Софија, во гевгелискиот квартал, денес општина Илинден, имаше улица со името на Леонид Јанков. Но, неа, одамна веќе ја нема. И споменот за улицата го нема, бидејќи ја преградија со блокови од згради. И на тој начин, по втор пат го закопаа некогаш живото сеќавање за прадедо ми. Оставивме да го слават, празнуваат и воспеваат само тие кои го сметаат за македонски херој, а кај нас, збор не се прозборува, како за неговиот подвиг, така и за делото на останатите војводи од гевегелискиот крај…“

На прашањето за овие редови Леонидов ни изјави: – Леонид Јанков е на тие кои го слават!

„Тебе не ти земам пари за такси!“’

– Во Македонија, посебно во гевгелиско, прадедо ми очигледно е легенда. Пред неколку години, бев во Гевгелија и решив да го посетам споменикот кај Ѓавато, каде Леонид загинал. Седнавме во такси, возачот беше еден крупен млад човек. Не вози до Ѓавато, а после, оттаму крај левата страна на Вардар треба да се оди по еден стар каменест пат, кој знае, правен можеби уште во римско. И како навлеговме по патот, возачот  почна да се мурти и да мрмори дека таксито ќе си го упропасти по тие камења. Одеднаш застана, и вели: „Јас понатаму не одам!“

Мојот домаќин го загледа и го праша дали знае кого вози, кој е човекот кој седи на седиштето одзади. Тој одговори дека не му е гајле. „Тоа е внукот на Леонид Јанков“, му рече. И тогаш, тој молкум седна во автомобилот и не однесе до споменикот. Таму не чекаше, не врати назад во Гевгелија и за сето време збор не прозборе. Кога стигнавме, извадив пари да му платам, а тој ми вели:

„Пари не ти земам, јас те возев со мерак. Нека се искрши и автомобилот, ама пари од внукот на Леонид Јанков не земам!“

А, сопственикот на еден ресторан близу Гевгелија, кога му кажаа за мене, дојде и ми рече дека морници го полазеле по грбот. Такви настани во Македонија ми се имаат случено неколку пати“, раскажува Румен Леонидов.