Вујко ми бил отстрана и дошол до брат ми. Тој уште бил жив, но само рекол: „Ах, вујче!“ и умрел. Во меѓувреме, таму дојдов и јас, со мајка ми и татко ми. Дојдоа и сите од селото. Мајка ми, кога виде што се случило, очајна, ми рече да се вратам дома и да земам облека за да го преслечеме брат ми за закопување. Јас отрчав дома, ја најдов облеката, но додека се вратив сите веќе беа закопани. Им наредиле гранки од дрвја, а потоа им нафрлиле и земја
Автор: Дарко Јаневски
На 16 јуни 1943 година бугарската војска стрелала 12 младинци од селото Ваташа, извршувајќи го на тој начин едно од најголемите злосторства на овие простори. Меѓу стреланите е и 18-годишниот Блаже Ицев, чија сестра Нада, која тогаш имала 12 години, првпат јавно ги раскажува своите сеќавања за настанот.
„Тој ден, среда, моравме да останеме дома. Требаше да има парада во чест на роденденот на бугарскиот цар Борис, но од партизаните ни стигна порака да не излегуваме. Згора на тоа, бргу разбравме дека Ваташа е блокирана од бугарската војска. Не знаевме што се случува, освен дека не смееме да излеземе“, ги раскажува баба Нада Јанева, родена Ицева, своите сеќавања за 16 јуни 1943 година, денот кога се стрелани 12-те младинци од селото Ваташа.
Родена во 1931 година. Брат и Блаже Ицев, кој тогаш имал 18 години, е меѓу убиените, а таа за прв пат јавно зборува за своите сеќавања за тој ден. Нејзината сестра Ката имала 16 години и заедно со брат и била уапсена од бугарските војници.
– Блаже учеше столарски занает, а сестра ми шивачки. Бидејќи тоа утро не можеа да заминат за Кавадарци поради блокадата и останаа дома, брат ми реши да го бојадиса железниот кревет, а сестра ми да и сошие фустан на баба ми. Работеа и пееја. Сé додека околу осум часот не дојде бугарската војска. Не знам колку војници имаше. Ги водеше наш човек од Ваташа. Влегоа во куќата и ваташанецот праша дали се дома Блаже и Ката. Мајка ми Васа ми одговори дека се дома, чудејќи се зошто ги бараат. Брат ми и сестра ми се појавија, а тие им рекоа да појдат со нив во кафеаната во центарот на селото. Блаже побара да се измие од бојата, но не му дозволија. Таму ќе те измијат, му рекоа. Тој како да претчувствуваше нешто лошо и побара од мајка ми да му го даде палтото. А надвор уште од утрото беше пеколно жешко.
– Што ќе ти е палтото, синко – го праша мајка ми.
А тој само и рече:
– Дај, ми го, дај ми го! Знаеше дека ќе ги тепаат и му требаше за да се заштити барем малку. Го зеде палтото и заминаа – раскажува Јанева.
ЛОШО ПРЕТЧУВСТО
Таа тргнала по нив. Сестра и Ката носела налани и во дворот едната и испаднала, а еден од војниците ја удрил со кундакот. Тогаш, малечката Нада се сепнала, помислила дека сé ќе заврши лошо. Се вратила и и рекла на мајка си дека има претчувство дека ќе ги стрелаат. Била искарана и истовремено тешена дека војниците само ќе ги запишат децата и ќе ги пуштат. За секој случај ги скриле фотографиите што Блаже ги имал од славењето на 1 Мај. Потоа, таа од другата врата на дворот тргнала по колоната во која биле брат и и сестра и, кон кафеаната.
– Вујко ни Боро живееше во соседството. И тој беше излезен да види што се случува, а еден од војниците му побара вода. Вујко ми го искористи тоа да го праша што ќе прават со децата. Му рекол дека ако по испрашувањето биде испукан куршум над нив, тоа да биде знак дека ќе ги стрелаат. Ако тоа не се случи, децата само ќе бидат заплашени и евентуално интернирани во Бугарија. Вујко ми ми го кажа тоа и јас отрчав дома да кај мајка ми – се сеќава Јанева.
Одново била искарана, по што отишла до кафеаната каде што децата веќе биле собрани. Војниците не ја пуштиле да се приближи, па таа стоела отстрана. Не можела да види што се случува внатре, но подоцна од сестра и Ката дознала дека бугарските војници веднаш почнале со испрашување, малтретирање и тепање на младинците за да кажат што знаат за партизаните.
– Кафената, која и сега постои и се вика „12 другари“, беше на Васил Хаџи Јорданов. Тој имаше 28 години и беше присутен внатре цело време. Ги служел војниците со ракија. Кога снемало, одел да земе од негде. На крајот, и него го ставиле во редот. Му рекле: „Доста носиш, ајде со другите!“ За сето време, сестра ми Ката беше внатре и сé гледала – вели баба Нада.
Таа и натаму стоела пред кафеаната. По некое време, младинците биле изведени надвор. Биле наредени во две редици и над нив бил испукан куршум. Јанева се сетила на знакот за кој војникот му зборувал на нејзиниот вујко. Отрчала повторно дома кај мајка и.
– И кажав што се случи, но таа одново не сакаше да верува. Не се плаши – ми велеше смирувачки. – Ќе ги однесат горе, ќе ги заплашат малку и ќе ги пуштат. Останав со неа.
УБИСТВО И ПОВЛЕКУВАЊЕ
Седевме на терасата и зборувавме. Сега знам дека тоа беше за да го потиснеме стравот и дека мајка ми, беспомошна, не можела поинаку да реагира на тоа што и го кажував. Не знам колку време помина.
Одеднаш видов како се отвори портата и влезе сестра ми. Мајка ми се стрча и ја праша: – Каде е Блаже? – Го отепаа – рече таа. – Сите машки ги стрелаа! – раскажува Јанева.
За настаните што следувале по изведувањето на младинците од кафеаната знае од сестра и Ката, која починала пред две години, а била непосреден сведок на стрелањето. Додека бугарските војници ги воделе младинците, на неколку места ги запирале. Очигледно се премислувале каде да ги стрелаат, додека ним им велеле дека ги носат за да ги фотографираат. Кога дошле на Моклиште, ги наредиле во два реда, свртени со грбот кон реката, која бучела зад нив. Тие во првиот ред клечеле, другите стоеле. Четирите девојки што исто така биле уапсени – Мара Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Павлина Касапинова и сестра и на Нада, Ката Ицева – ги тргнале настрана, оставајќи ги во живот како подарок во чест на роденденот на царот Борис. Ги натерале да го гледаат стрелањето, дури и со држење за коса, а еден од војниците им рекол:
– Немој случајно да заплачете, зашто и вас ќе ве стрелаат!
– Димо Чекоров, Герасим Матаков и Васил Хаџи Јорданов како постари, сфатиле што ќе се случи и се обиделе да избегаат преку реката. Најдалеку избегал Димо, но го раниле во ногата, го фатиле и го ликвидирале. Беше пазарен ден, а очевидци подоцна раскажувале дека виделе што се случило со него. Васил се скрил во некои капини во реката, ама го нашле и го убиле со бајонети. Сестра ми Ката кажуваше дека најлошо поминал Герасим, на кого му ги исекле ушите и јазикот, а тој цело време пискал – вели Јанева.
Дванаесетте младинци биле застрелани, иако сите војници не сакале да пукаат. Некои од застреланите паднале врз брат и Блаже. Војниците се вратиле да проверат, а еден од нив му испукал куршум отстрана меѓу увото и брадата. Веднаш потоа, војниците се повлекле.
„АХ ВУЈЧЕ!“
Вујко ми бил отстрана и дошол до брат ми. Тој уште бил жив, но само рекол: „Ах, вујче!“ и умрел. Во меѓувреме, таму дојдов и јас, со мајка ми и татко ми. Дојдоа и сите од селото. Мајка ми, кога виде што се случило, очајна, ми рече да се вратам дома и да земам облека за да го преслечеме брат ми за закопување. Јас отрчав дома, ја најдов облеката, но додека се вратив сите веќе беа закопани. Им наредиле гранки од дрвја, а потоа им нафрлиле и земја, раскажува Јанева.
Младинците се закопани таму каде што биле стрелани. Денес на тоа место постои помал споменик. По војната, тие се откопани и преместени на друго место, а по трет пат, таму каде што е сегашниот споменик, се закопани во 1963 година.
– По стрелањето не ни беше дозволено да одиме на гробовите. Дури подоцна, со дозвола од участокот, можевме тоа да го направиме. По војната, уште двапати ги закопувавме. Претходно ни овозможија да ги донесеме дома, да ги направиме сите обичаи како што е ред и конечно ги закопавме во едни мали сандаци. Шестмина од јужната, шестмина од северната страна, наредени по азбучен ред – вели баба Нада.
Бугарскиот офицер Апостолов, кој бил командант на војската во тој дел од Македонија, подоцна бил уапсен и суден за повеќе злодела. Сите ги признал, но за ваташкиот масакр тврдел дека не е виновен.
– На судењето инсистирал на тоа дека тој не е виновен за стрелањето. Тврдел дека добил листа со имиња, а на неа стоело дека младинците се уапсени во шума, а не собрани од нивните куќи. Раскажал и за улогата во настанот на четворица ваташанци, тројца мажи и една жена. Осуден е на смрт, а го стрелале врз ископан гроб, така што паднал во него откако го погодиле куршумите – раскажува баба Нада.
Не и останал никаков спомен од брат и Блаже, освен сеќавањата на детството со него и на последниот негов ден кога пеејќи, почнал да го бојадисува железниот кревет. Денес таа е витална симпатична бабичка, која нé пречекува со најубавите пишиги што во Тиквешијата можат да се направат. Не споменуваме, разговараме за животот во Ваташа пред 60 и повеќе години, но молкум знаеме во чиј спомен се.
(сведоштвото на баба Нада го запишав во јуни 2012 година)