Ибин Емшиу во трагедијата во тетовскиот ковид-центар ги загуби својот татко и брат. Решен е правдата да ја бара до крај и вели дека не го плашат ни заканите по неговиот живот, пишува Дојче Веле на македонски јазик.
-Ми се закануваат дека ќе ме убијат, но јас сум решен да ја кажам вистината за пожарот во тетовскиот ковид-центар, сведочи Ибин Емшиу кој инаку живеел во Италија заедно со трагично починатите татко и брат. Како што вели тој, летово дошле во куќата во селото Синичане на годишен одмор и тука се заразиле со корона вирусот.
Тврди дека плаќал 1000 денари дневно на болничарите за да го негуваат неговиот 28 годишен брат кој е неподвижен поради тоа што боледува од церебрална парализа.
-Шест дена седев таму. Барав помош за нега на брат ми затоа што е неподвижен. Од болницата ми рекоа дека немаат слободен човек кој би можел да ми помогне за да му ги менувам пелените. Јас имам свои здравствени проблеми, но бев во состојба да дадам пари за да се грижат за него, и ова го прифатија. Кога дојде работата да платам, тие прифатија да помогнат. Платив за да ми помагаат два пати дневно, сведочи Ибин Емшиу.
Во изгорената модуларна болница вели дека речиси секој пациент имал некој близок до него деноноќно.
-Не знам точно колку луѓе бевме внатре, објектот беше полн со придружници кои спиеја таму. Бевме околу 50 луѓе заедно со пациентите. Сите пациенти имаа придружници од нивните семејства кои ги чуваа деноноќно, вели Емшиу.
Ибин вели дека досега три лица му се заканиле дека ќе го убијат ако дава изјави за медиумите.
-Јас би им кажал дека сум тука и нема да бегам никаде. Ако има такви луѓе без морал што можат да убијат невин човек кој го донел својот татко во болница за да се лечи, а го земал изгорен заради нивна грешка, јас сум тука, изјави Емшиу и додаде дека ако треба, правдата ќе ја бара и во Италија бидејќи имаат италијански документи.