Цените на нафтата се зголемија за повеќе од три отсто, достигнувајќи го највисокото ниво од ноември 2018 година, поради најавените санкции од САД за купувачите на иранската нафта.

Цената на нафтата брент се зголеми за повеќе од три проценти и утрово барел се продава за повеќе од 74 долари, додека цената на американската лесна нафта забележа пораст од 2,3 отсто на 65,49 долари за барел.

Зголемувањето на цената на нафтата уследи откако „Вашингтон пост“ повикувајќи се на двајца неименувани американски претставници, објави дека државниот секретар на САД, Мајк Помпео најави дека „Стејт департментот од 2 мај нема повеќе да одобрува исклучоци од примената на санкциите кон Иран за ниту една земја која во моментот увезува иранска сурова нафта или кондензат (ултралесен облик на сурова нафта).

САД во ноември 2018 година воведоа санкции на извозот на иранска нафта откако американскиот претседател Доналд Трамп одлучи еднострано да ги повлече САД од мултилатералниот нуклеарен договор што го потпиша Иран со шесте светски сили. Тогаш Вашингтон одобри исклучок од примената на американските санкции за осумте најголеми купувачи на иранска нафта, во најголем број од Азија, дозволувајќи им да продолжат со купување на ограничени количества нафта од Иран уште шест месеци.

Осумте земји кои се ослободени од примена на американските санкции кон Иран се Кина и Индија, кои се најголеми купувачи на иранска нафта, како и Јапонија, Јужна Кореја, Италија, Грција. Турција и Тајван.

Цената на нафтата брент годинава забележа раст од 33 проценти, додека американската лесна нафта за повеќе од 40 отсто.