Над 400 милиони лица ширум светот се заразени со коронавирус од почетокот на пандемијата, покажуваат податоците на американскиот универзитет Џон Хопкинс, јави ДПА.

Пред еден месец, Универзитетот објави дека бројката изнесува 300 милиони заразени.

Според официјалните податоци, околу 5,8 милиони луѓе ширум светот починале од коронавирус. Сепак, според некои набљудувачи, реалните бројки се значително повисоки, бидејќи многу инфекции и смртни случаи остануваат надвор од официјалната статистика.

Дополнително, постојат одредени несовпаѓања во достапните податоци.

На пример, Светската здравствена организација неодамна објави дека има 397 милиони случаи на инфекција ширум светот. САД објавија најголем број потврдени случаи на коронавирус – 77 милиони заразени од пандемијата од 330 милиони луѓе во земјата. Бројот на случаи во Индија, со население од околу 1,3 милијарди, досега е 42 милионa. Бразил, со население од 210 милиони, пријави нешто помалку од 27 милиони инфекции.