Британско-црногорскиот сопран Тамара Раѓеновиќ, која се школувала на угледниот Кралски колеџ за музика во Лондон и била последната ученичка на легендарната Монсерат Кабаље, во последниве години континуирано гради меѓународна кариера на значајни европски и светски сцени. Зад неа се настапи во градови како Лондон, Њујорк и Токио, па сè до Мелбурн, Белград и Загреб, а нејзиниот уметнички пат денес ја поврзува големата оперска традиција со современи концертни формати и публика што ги надминува границите на класичната музика.

Ова лето таа настапи на престижниот фестивал Thurn und Taxis Schlossfestspiele во Регенсбург со еден од водечките тенори на денешницата, Џонатан Тетелман, а неодамна и во античкиот театар во Бодрум пред околу 3.500 луѓе заедно со големата оперска ѕвезда, турскиот тенор Мурат Карахан и филхармонијата „Лимак“.

Пред неа е исклучително интензивна сезона, со десет потврдени меѓународни гала-концерти за следната година – од Мексико и Њујорк, преку Виена, Софија, Истанбул, Загреб и Мелбурн, па сè до Лондон. Посебно место зазема 27 ноември и настапот во салата „Стерн“ (Stern Auditorium / Perelman Stage) во „Карнеги хол“ во Њујорк.

Ѝ ја претставуваме Тамара Раѓеновиќ на македонската публика токму во моментот кога нејзината кариера навлегува во своето досега најамбициозно меѓународно поглавје.

Се школувавте на лондонскиот Кралски колеџ, но по студиите не го следевте класичниот пат на вклучување во традиционалниот оперски систем. Наместо тоа, заедно со вашиот менаџмент, уште од самиот почеток почнавте да градите сопствен уметнички пат и препознатлив бренд задржувајќи притоа голема уметничка слобода.

Овој поинаков пристап беше рано препознаен од „Форбс“, кој Ве вклучи во својата листа „30 под 30“ во категоријата „Уметност и култура“. Колку беше важна одлуката да ја градите кариерата на свој начин уште од самиот почеток?

– Мислам дека во тоа време не бев целосно свесна дека избирам поинаков пат. Знаев само дека не сакам мојата кариера да зависи исклучиво од аудиции и од чекање некој друг да одлучи кога и што ќе пеам. Сакав да создавам проекти во кои верувам, да избирам репертоар и соработници, како и да имам одредена слобода во начинот на кој се претставувам пред публиката.

Се разбира, таков пат носи и многу поголема одговорност бидејќи зад секој концерт стои огромна работа на целиот тим – од првичната идеја па сѐ до излегувањето на сцената. Токму затоа признанието „30 под 30“ од „Форбс“ ми беше особено важно. Тоа дојде многу рано и на некој начин ми потврди дека и во светот на класичната музика има простор за поинаков модел на кариера.

Денес, кога гледам каде ме одведе тој пат, сметам дека таа уметничка слобода остана една од најважните работи во мојата кариера.

Покрај класичното образование и сè посериозната меѓународна концертна кариера, паралелно изградивте и огромна дигитална публика. Вашите музички содржини на социјалните мрежи бележат милиони прегледи. Дали понекогаш чувствувате дека всушност градите две паралелни кариери – едната на концертната сцена, а другата во дигиталниот свет?

– Понекогаш навистина изгледа како да станува збор за два паралелни света, но јас ги доживувам како една кариера и една публика што ме открива на разни начини. Концертната сцена е местото каде што созрева како уметник и ништо не може да ја замени енергијата на настап во живо – оркестарот зад тебе и публиката пред тебе.

Од друга страна, дигиталниот свет ни ја даде можноста што претходните генерации класични уметници ја немале: еден настап од Лондон, Њујорк или Белград да биде виден за неколку дена или месеци од милиони луѓе во земји во кои можеби никогаш не сум настапувал.

Особено ми е драго што меѓу таа публика гледам многу млади луѓе, кои можеби никогаш претходно не биле на опера или на концерт за класична музика. Ако едно видео ги поттикне првпат да слушнат музика од Пучини, Верди или некој друг композитор што го сакам, тогаш сметам дека дигиталната платформа добива многу подлабоко значење од самата бројка на прегледи.

Вие бевте последната ученичка на Кабаље. Кога денес, со многу поголемо искуство и големи сцени зад себе, размислувате за времето поминато со неа, дали некои од нејзините зборови и совети ги сфаќате поинаку отколку тогаш?

– Апсолутно. Кога си многу млад и седиш до некој како Монсерат Кабаље, се обидуваш да го запомниш секој збор, но дури подоцна сфаќаш што таа всушност зборувала. Се разбира, од неа научив за техниката, дишењето, фразирањето и интерпретацијата, но денес сметам дека најважните лекции беа оние што немаа врска само со пеењето.

Таа ме научи на трпение и на тоа дека со гласот не треба да се брза, но и дека големиот уметник мора да ја зачува својата личност. Често зборуваше за тоа колку е важно да не се обидуваш да бидеш верна копија на некој што дошол пред тебе.

Колку повеќе стареам, толку повеќе ја разбирам таа порака. Техниката ти дава самодоверба, но на крајот, публиката мора да почувствува кој си ти. Мислам дека тоа е една од највредните работи што ги научив од неа.

Дали денес свесно ја градите својата кариера во одредена насока или повеќе им дозволувате на проектите и можностите да Ве одведат таму каде што природно припаѓа Вашиот глас?

– Мислам дека е комбинација од двете. Постои многу јасна идеја за тоа во која насока сакаме да ги развиваме мојата кариера и проектите, но во уметноста не може сè да се испланира неколку години однапред. Понекогаш се појавува соработка, уметник или сцена што не сте ги очекувале, а од тоа произлегува нешто посебно.

За мене е важно да ја задржам уметничката љубопитност. Не сакам да се ограничувам на една формула само затоа што е успешна. Операта останува моја основа, но сакам да истражувам разни концертни формати, филмска музика, современ репертоар и соработки што може да ме одведат во нова насока како уметник.

Мислам дека е добро да се има јасна цел, но и да се остави доволно простор музиката понекогаш да ве изненади.

Еден од централните проекти во Вашата кариера денес е „Од опера до Холивуд“, кој прерасна во меѓународна концертна турнеја и голем гала-настан. Станува збор за продукции што обединуваат симфониски оркестар, хор, солисти и гости уметници придружени со специјално дизајнирани визуелни елементи, сценски ефекти и продукција. Програмата ја води публиката од големи оперски арии, преку филмска музика, па сѐ до латино, кросовер и современ репертоар.

Како се роди идејата за „Од опера до Холивуд“ и дали очекувавте дека проектот толку бргу ќе прерасне во меѓународен формат?

– Мислам дека сè произлезе сосема природно од музиката што ја сакам и од желбата концертот да не биде само низа арии, туку целосно доживување, што има своја драматургија и ја води публиката низ разни музички светови.

Операта е секогаш основа на сè што работам, но ја обожавам и филмската музика на Мориконе, Цимер и Нино Рота, латиноамериканскиот репертоар, како и современите композиции, кои добиваат сосема нова димензија во изведба со симфониски оркестар и хор. Визуелните елементи, осветлението и сценските ефекти се важен дел од секој концерт бидејќи сакаме публиката не само да ја слушне музиката туку и да ја доживее.

Можеби најдобар пример е Now We Are Free од филмот „Гладијатор“, која ја изведовме пред Нова година на мојот традиционален новогодишен концерт во центарот „Сава“ во Белград. Денес, снимката од тој настап се приближува до бројката од десет милиони прегледи на „Јутјуб“, а допре и до публиката од целиот свет преку другите мрежи. Тоа уште еднаш ни покажа дека нешто создадено на концертната сцена подоцна може да добие сосема нов живот пред милионска онлајн-публика.

Проектот „Од опера до Холивуд“ денес патува низ разни земји и големи концертни сали, но за секој град програмата и продукцијата се приспособуваат, така што секој концерт да има нешто посебно, притоа задржувајќи го идентитетот на проектот.

Имавте многу интересно и исполнето лето. На престижниот фестивал „Турн унд Таксис“ настапивте со Џонатан Тетелман пред речиси 3.200 луѓе, а потоа и во античкиот театар во Бодрум пред речиси 3.500 луѓе заедно со Мурат Карахан и Филхармонијата „Лимак“. Колку овие големи настапи и соработки со уметници од ваков калибар Ви носат ново искуство и влијаат врз Вас како уметник?

– Секој голем концерт носи нешто ново, без оглед на тоа колку искуство имате. Особено кога ја делите сцената со уметници како Џонатан и Мурат, кои поседуваат силни уметнички личности и огромно меѓународно искуство. Ваквите соработки ве инспирираат, но истовремено ве поттикнуваат постојано да ги поместувате сопствените граници.

Настапите во „Турн унд Таксис“ и во Бодрум сосема се разликуваа, но и двете искуства имаат нешто заедничко. Пеењето под отворено небо, пред повеќе од три илјади луѓе, носи посебна енергија што тешко се опишува. Едноставно, ја сакам таа разновидност. Секој простор, секоја публика и секој уметник со кој ја делите сцената носат нешто ново и оставаат трага во вас.

„Карнеги хол“, Лондон и другите големи светски сцени носат посебна тежина. Дали и денес, пред настап на такво место, чувствувате трема, или во одреден момент сцената, едноставно, станува Ваша?

– Тремата постои и мислам дека е добро што е така. За мене, таа е знак дека ми е важно. Со текот на времето, едноставно учите да ја претворите во концентрација и енергија што ви се потребни на сцената.

Пред еден месец бев во Њујорк и имав можност да влезам во целосно празниот „Стерн аудиториум“ во „Карнеги хол“. Се качив на сцената и морам да признам дека чувството беше величествено. Стоев неколку мига во таа празна сала и се обидував да замислам како ќе изгледа сè на 27 ноември кога ќе се запалат светлата и кога, се надевам, салата ќе биде полна. Тоа е еден од оние моменти кога навистина ја чувствувате историјата на местото на кое стоите.

Особено се радувам што ќе ја делам сцената со Мурат Карахан и со Оркестарот на „Сент Лук“ (Orchestra of St. Luke’s) – еден од оркестрите што имаат силни врски со „Карнеги хол“. Со концертот ќе диригира Дарко Буторац, диригент со српско потекло, кој живее во Њујорк и со кого веќе сум соработувала на неколку проекти; така што, ќе бидам опкружена со уметници во кои имам доверба и покрај кои се чувствувам сосема сигурно.

Верувам дека тремата ќе биде присутна сè до првите тактови. А потоа, како и секогаш, треба да се заборави името на салата, нејзината историја и сè што таа претставува и, едноставно, да се пее и да се ужива во тие моменти.

Во текот на наредната година Ве очекуваат десет меѓународни концерти – од Мексико и Њујорк, преку Виена, Софија, Истанбул и Загреб, па сè до Лондон. Како изгледа животот на еден млад уметник кога ќе се изгаснат светлата зад големите сцени? Дали воопшто успевате да најдете време за живот надвор од музиката?

– Тоа е веројатно еден од најголемите предизвици на оваа професија. Публиката гледа двочасовен концерт, но зад тие два часа стојат месеци подготовка, голема дисциплина, патувања, проби, состаноци, подеми и падови, преиспитувања и стотици детали што не може да се видат од сцената.

Многу сум поврзана со моето семејство и имам голема среќа што тоа истовремено претставува важен дел од мојот професионален живот. Членовите на моето семејство се грижат за менаџирањето и продукцијата на моите концерти и активно учествуваат во реализацијата на проектите, па така често патуваме и работиме заедно. На некој начин, тоа ми овозможи – и покрај сите патувања – да не чувствувам дека морам да се откажам од блискоста со луѓето што ми се најважни поради мојата кариера.

Се разбира, се трудам да го зачувам оној дел од животот што нема никаква врска со сцената. Лондон долго време е мој дом и место каде што можам да се вратам на секојдневниот живот, на пријателите и на некои сосема обични работи.

Сметам дека рамнотежата е многу важна. За да пренесете емоција на сцената и да споделите нешто што е навистина ваше со публиката, мора да имате живот надвор од светлата на рефлекторите.

Македонската публика веќе имаше можност да Ве слушне во Скопје. Какви сеќавања носите од тој настап и дали постои желба да се вратите со некој од Вашите големи концертни проекти?

– Да, имав можност да настапам во Скопје на покана на Орце Ицковски, тогашниот уметнички директор на Операта, на концертот Island Gala Night. Тоа беше навистина убаво искуство, пред сè затоа што имав можност да ја делам сцената со некои од најголемите имиња на македонската оперска и поп-сцена. Таа вечер ја испеав Parla più piano од филмот „Кум“ и многу добро се сеќавам на реакцијата на публиката.

Во тоа време Скопје искрено ме воодушеви со својата голема сцена, атмосферата и, пред сè, со топлината на публиката. Ја почувствував онаа непосредна реакција што за еден уметник е секогаш особено драгоцена и затоа од Скопје понесов навистина убави спомени.

Би сакала да се вратам со комплетниот проект „Од опера до Холивуд“. Сметам дека Скопје има одлични услови за таков голем концерт и дека би било прекрасно тој да се реализира во Македонската филхармонија или на сцената на Националната опера и балет, со симфониски оркестар, гости, визуелна продукција и програма што ги спојува операта, филмската, латино и современата музика.

Се надевам дека Скопје набргу ќе се најде на нашата концертна рута и дека овој пат ќе имаме можност да ѝ ја претставиме целосната приказна „Од опера до Холивуд“ на македонската публика.

На 9 март 2027 година во Софија Ве очекува голем концерт во познатата Сала 1 на Националната палата на културата (НДК) – една од најголемите концертни сали во овој дел на Европа. Софија е многу блиску до Северна Македонија, па македонската публика ќе има можност да Ве слушне практично во соседството. Дали би ги поканиле да Ви се придружат таа вечер и што може да очекуваат од концертот?

– Да, навистина се радувам на тоа. На 9 март 2027 година настапувам во Сала 1 на Националната палата на културата (НДК) во Софија, а тоа ќе биде еден од големите концерти во мојата претстојна меѓународна сезона.

Софија е многу блиску до Северна Македонија и затоа особено би сакала да видам луѓе од Скопје и од другите македонски градови во публиката таа вечер. Музиката навистина не познава граници и сметам дека овој регион е најдобриот доказ за тоа колку сме културно и емотивно поврзани.

Публиката може да очекува богата концертна програма со симфониски оркестар, во која ќе ги споиме операта и филмската музика, како и репертоарот што стана важен дел од моите концерти во последните години.

Затоа би ѝ порачала на македонската публика: доколку сакате да направите мало патување до Софија на 9 март, ќе ми биде огромно задоволство да ве видам во Сала 1. И се надевам дека многу бргу потоа ќе имаме можност да приредиме ваков голем концерт и во Скопје.