Братислав ДИМИТРОВ за МИА
Првин почнав текст со наслов „Фолиранти“, жив среќен дека ќе имам материјал за пишување барем во наредните сто години. Конкуренцијата за оваа тема е голема, но и јас имам свои фаворити. И таман кога опишав едно типче, кое по професија е плачко, а во слободното време се претставува како режисер, се сетив на Цанко Курбла: „Не може да си играш во лајна, а после да мирисаш на темјанушки“. Веднаш го избришав текстот затоа што Цанко Курбла е закон, особено по смртта на Џек Керуак, Чарлс Буковски и Страшо Кец од Тафталиџе. Плус што да се пишува за такви луѓе што се хронични зихераши? Покрај каишот, тие носат и трегери на своите панталони, за секој случај.
Буткањето на оној камен од страна на господинот Сизиф (презиме непознато) изгледа како обична рекреација кога ќе се спореди со повторувањето на нашата излитена и блуткава приказна. Кога се на власт, завалиите постојано се исклештени и мува не ги лази. Затоа што, нели, само тогаш и насекаде тече мед и млеко како директна последица од нивните надалеку познати способности. А кога се во опозиција, само кукумјавчат, лелекаат и се мрсулават. Овдешниве опозиционери не бендисуваат никого и ништо, а најмногу сопствениот народ. Ги бива. Тоа е. Освен во државнички и разни други работи, тие и во љубовта немаат никаква конкуренција затоа што се сакаат само себеси. Едноставно, обожаваат да мразат.
Вакво немање општа култура и домашно воспитување секогаш наидуваше на достоен презир кај нашиот маалски херој Цанко Курбла. Затоа што тој сè што постигна во својот живот – постигна сам, а тоа најчесто беа разни проблеми. Еднаш работеше цели седум дена како службеник во една земјоделска задруга, со што го собори својот личен рекорд во стекнување работен стаж. Еден ден, откако за доручек ја отворил конзервата со риба и жолтата оранжада, тој ја симнал од ѕидот сликата од која строго гледа другарот маршал Тито и ја ставил на подот со лицето кон ѕидот. Од денешен аспект тоа би бил одличен перформанс за учество и во најстрога селекција на некое уметничко биенале, но во тоа време тоа беше непријателско делување и подривање на темелите на социјалистичкиот развој како преодна фаза кон комунизмот. Тоа е времето кога за раскажан политички виц се одеше во зандана.
На сослушувањето во полициска станица Цанко се обидел да даде објаснување на чисто научна основа. Тој наводно не ја симнал сликата од ѕидот поради политички, туку поради нутриционистички причини. Едноставно, губел апетит кога ќе го здогледал намуртениот лик. Сликата на доживотниот претседател педантно е вратена на своето место. Лицето Ц. К. уште попедантно е спроведено во КПЗ „Идризово“ за да ја развива хортикултурата, позната во тоа време како „88 садници за другарот Тито“.
Кога го пуштија од затвор, реши да се социјализира и тука најмногу згреши. На еден масовен митинг во Скопје, на кој главна парола беше „Трст е наш“, на Цанко му се испушти една друга парола, која повторно го врати на поправно-воспитна работа. Среде запенавената толпа тој се испентари на рамениците на Страшо Кец и силно се извика: „Солун е наш!“, „Солун е наш!“. Последното „Солун е … “ не се слушна зашто благовремено реагираа органите на народната власт! Цанко пак го пратија во затвор. Страшо со врски доби условна казна и обврска во тетратка по тесни и широки линии да напише 1.000 пати „Трст е наш“. После неговите редовно го носеа на разни бајачки за да му ја избијат од главата таа мантра. Цанко не се жалеше затоа што сметаше дека е поблаго казнет од Страшо.
Беше поетска душа и често шеташе сам во ситни саати, а тие почнуваа околу 22 часот кога цел град заспиваше. Во една таква ѕвездена ноќ го сопираат двајца цајкани и му бараат лична карта. Цанко ги гледа со шкорче во устата и ладен ко шприцер се легитимира: „Се викам Цанко, Цанко Курбла…“ Дури после се појави оној филм, каде што главниот глумец со перика и леплив глас изјавува: „Се викам Џејмс, Џејмс Бонд…“ А дури многу години подоцна се донесе законот за заштита на личните податоци, кој редовно го користат денешниве криминалци.
Според интерниот-извештај на полициската станица во Карпош, тие неколку дена една цела генерација од полициската академија дипломирала на него како составен дел од практичната настава. Кога излезе беше згужван во фацата како Чарлс Бронсон и мораше да вади нова лична карта, ама во ниту еден миг не се пожали од никого и од ништо. Уредниците се колнат во мајка дека лицето што се одѕива на името Цанко Курбла, испуштено е од македонската енциклопедија поради печатна грешка. Не е прв пат. Сите грешки (а многу од нив историски) се скршија врз неговата глава, која даде траен придонес кон уметноста на секојдневното живеење.
Од неговото капитално дело „Фајронт“ дознаваме: Женска се бира во зима. Ако преку капутче покажува остра кривина на задниот дел, сè друго е барок. По седмото пиво, во седмата глава запишал: „Врв на среќата во животот е да бидеш внуче, но еден ден и ти да имаш внучиња“. Цанко Курбла последните години на својот живот ги проживеа како космополит. На пописот во графата за националност се впиша како алкохоличар. Не можеше повеќе да гледа како татковината му пропаѓа во амбис. Поради предавници и среброљупци, кои во негово време беа среќни тој да ги прати по цигари. Еден ден реши да умре и како и секогаш го исполни своето ветување воден од славната реплика „подобро да умрам отколку нешто да ми се случи“. Ме фати темава. Порано мислев дека ќе умрам. Сега сум сосема сигурен. Нејсе. Не жалам за ништо. Освен дека ќе умрам. Во меѓувреме, ќе се тешам со насловот на една книга: „Смртта е непроверена гласина“. И за секој случај се враќам во минатото.
Таа далечна 1968 година во месец гроздобер (септември) се случи чудо. Една магла како волнена ролка се залепи околу вратот на Скопје. Надвор излегувавме само во итни случаи, а тоа значи по леб, млеко и весник, кој после служеше како тоалет хартија. Имаше и такви антидржавни елементи, кои весниците ги купуваа поради обратниот редослед. После се населија мразулци на нашите стреи, уши и осамени срца. Тогаш се јави нашиот прв страв од капитализмот. Не за друго, некое лошо претчувство ни кажуваше дека никој повеќе дома нема да прави домашна храна затоа што насекаде ќе има „купечка”.
Така и бидна. Меѓу другото, затоа го забранија нашето вековно правење ајвар и ракија. За да ни ги продаваат безобразно поскапо. Денес и влегувањето во аптека е сигурен банкрот. Нивниот единствен и врховен бог е профитот и само профитот.
Овде прекинувам затоа што почнувам да станувам лош. А јас сум многу амбициозен и сакам да бидам добар.




