Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, вчера беше уапсен во Турција, а за останатите четворица осомничени судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје определи мерка притвор од 30 дена по барање на Јавното обвинителство кое отвори истражна постапка за две убиства на свиреп начин по кривичната пријава добиена од Министерството за внатрешни работи. Ова се последните информации кои вчера ги соопштија надлежните во врска со убиствата на малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.
Како што соопштија вчера од Основното јавно обвинителство Скопје, истражната постапка се води против пет лица, од кои четворица како соизвршители сториле две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин, од кои едно на малолетно лице и едно од користољубие, додека, петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело грабнување на малолетно лице.
Осомничени за убиството на Вања и Панче, покрај Љупчо Палевски – Палчо се и неговите сопартијци, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои ја признаа вината. Во случајот, според истрагата е вмешан и таткото но Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека споделувал информации со останатите осомничени за движењето на на неговата ќерка, а за кого обвинителството вчера информираше дека ги негирал дејствијата. По 48 часовниот притвор, тие вчера беа спроведени во Основниот кривичен суд Скопје каде судија на претходна постапка по предлогот на обвинителството одлучи да ја продолжи мерката притвор за 30 дена.
Според Обвинителството, постои основано сомнение дека на 22 ноември, четворица од осомничените, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на лице од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил Цитроен за тие да го искористат за грабнување на малолетно лице во Скопје. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го убиле со истрел од огнено оружје од еден од осомничените.
На 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на малолетно лице со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот Цитроен.
Oсновното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје вчера поднесе предлог за определување мерка краткотраен 48-часовен притвор и против 46-годишен скопјанец под сомнение дека извршил помагање на Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежов, да избега во Турција, преку Бугарија и Србија.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера на прес-конференцијата ја опиша траекторијата на движење на Палевски. Како што кажа, Палевски со својот адвокат со возило заминал за Србија каде е оставен во хотел. Следниот ден го презема друго лице од Скопје со џип „ренџ ровер“ и преку граничниот премин „Градина“ влегува во Бугарија. Има транспорт низ територијата на Бугарија и влегува во Турција каде оди во Баликесир.
– Нашите служби од Центарот за меѓународна полициска соработка стапуваат во контакт директно со властите и полицијата и еден нивни оперативен извор кој за кратко време ни врати повратна информација дека лицето се наоѓа во Баликесир и ни кажа за неговите намери дека оттука сака да замине за Истанбул. Се подготвува со такси возач да оди во Истанбул и тука има негово симулирање дека ќе оди и повторно се враќа назад во Баликесир. Денеска попладнево е уапсен од страна на турската полиција додека се движи пешки по еден од автопатите во Баликесир, посочи Спасовски, дополнувајќи дека засега нема потврдени сознанија за крајната дестинација на која сакал да оди Палевски.
Во врска со прашањето дали 14-годишната Вања била задушена или починала од прострелна рана, рече дека се работи за прострелна рана. Додека, во врска со тоа дали е најден пиштолот со кој е пукано, министерот Спасовски рече дека се најдени два пиштола во Скопје кои треба да се вештачат за да се утврди дали е тоа оружјето со кое е убиено девојчето. Тој потврди и дека полицијата го има пронајдено мобилниот телефон на Вања.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера упати порака дека мирот и стабилноста во државата никој не може да ги загрозува и дека партијата на Палевски мора да биде дерегистрирана.
– Вакво криминално гнездо како што е направено, мора да се разбие до крај. И такви политички партии кои со, не знам какви проминенции тоа го прават, како што е оваа, таа мора да биде дерегистрирана, кажа Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања на вонредната прес-конференција на која соопшти дека првоосомничениот Љупчо Палевски е приведен во Турција.
Тој, исто така, рече дека треба да се утврдат и фактите дали станува збор за некаква секта или не.
– Дека станува збор за малоумни, за монструми, за луѓе кои не може да се наречат луѓе, тоа е факт, подвлече Спасовски, кој на прашањето за други докази за вмешаност на таткото на Вања, освен сведочењата на притворените, рече дека ако има нови информации, докази или потврди, ќе биде информирана јавноста кога ќе дојде моментот.
Првичните информации од предистрагата во во врска со исчезнувањето на двете жртви со јавноста беа споделени во понеделник, на 4 ноември, кога министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и скопскиот јавен обвинител Гаврил Бубевски на прес-конференцијата споделија информации кои беа во најголем дел добиени од исказите на тројцата осомничени Манев, Кешишов и Видевски.
Токму со помош на исказите на овие тројца осомничени, на претходниот ден, на 3 декември биле пронајдени и телата на Вања и Панче, близу Скопје и Велес, на кои вчера, исто така, беше завршена и обдукцијата.
Потоа надлежните преземаа дејствија во кои најпрво, на 4 декември беше распишана меѓународна потерница и отворена истрага за Палчо, и определен 48-часовен за останатите осомничени. Потоа, Министерството за внатрешни работи до Обвинителството достави кривична пријава против пет лица, а Обвинителството отвори истрага и побара нова мерка притвор за осомничените со што притворот им беше зголемен на 30 дена.
Она што се очекува е екстрадицијата на Палчо, за кого веќе е определена мерката притвор од 30 дена, одлуката за евентуалното продолжување на мерката притвор на скопјанецот кој му помогнал да пребегне во Турција и сите останати новости кои ќе произлезат од истрагата на Јавното обвинителство. ар/са/
Фото: МИА