Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека принудувањето на илјадници пациенти во Појасот Газа да се евакуираат во веќе преполните болници може да биде „смртна казна“ за нив.

Израел им нареди на Палестинците да се евакуираат од северниот дел на Појасот Газа пред очекуваната копнена офанзива против Хамас, една недела по најсмртоносните напади во израелската историја.

„СЗО силно ги осудува повторените израелски наредби за евакуација на 22 болници кои згрижуваат повеќе од 2.000 лежечки пациенти на северот на Газа. Присилната евакуација на пациентите и здравствените работници дополнително ќе ја влоши хуманитарната и здравствената катастрофа“, се вели во соопштението на СЗО.

Преместувањето на пациентите на југ од Газа „каде што здравствените установи се веќе со максимален капацитет и не се во состојба да го примат драматично зголемениот број пациенти може да се граничи со смртна казна“, заклучува СЗО.