Косовскиот претседател Хашим Тачи, кој ја предводи делегацијата на неговата земја на Генералното заседание на ОН во Њујорк, изјави дека од претставници на САД, со кои се сретнал, добил уверување дека Вашингтон го поддржува дијалогот што го води со неговиот српски колега Александар Вучиќ и ќе го почитува тоа што Приштина и Белград ќе го договорат, јави дописникот на МИА од Приштина.
Како што објави приштинската ТВ21, Тачи тврди дека на средбите со високи американски претставници му е потврдено дека САД ја прифаќаат и корекцијата на границите како дел од конечниот договор со Србија, доколку тоа се постигне.
– САД потврдија јасно и официјално дека ја поддржуваат и декларираната заложбата дека во случај на постигнување конечно решение меѓу Косово и Србија кое подразбира меѓусебно признавање, тоа би вклучувало и демаркација, односно лесна корекција на границите меѓу државите Косово и Србија, изјави Тачи, додавајќи дека тоа ќе го затвори еднаш и засекогаш прашањето и проблемот на омразата меѓу двете земји.
За разлика од изјавите за домашните медиуми, во официјалните соопштенија од средбите на Тачи во Њујорк, меѓу кои и со американскиот помошник државен секретар Вес Мичел, конгресменот Елиот Енгел, но и со претставници од други земји, воопшто не се споменува дека косовскиот претседател рекол нешто за „корекција на границите“ или размена на териториите со Србија како можно решение за споровите меѓу двете држави.