Косовскиот претседател Хашим Тачи попладнево ги повтори своите заложби за „корекција на границата со Србија“, нагласувајќи дека неговиот предлог не е за размена на територии, туку за припојување на Прешевската Долина кон Косово, јави МИА од Приштина.
Ни половина час по изјавата на премиерот Рамуш Харадинај, дека единствен начин да се променат границите е со војна, Тачи, преку објава на Фејсбук, порача дека неговиот предлог е мировен и дека, со оглед на противењата на кои наидува, единствено што преостанува е за тоа да се праша народот на референдум.
– Една порака до тие што мислат дека корекцијата на границата на мирен начин е лоша идеја, и покрај фактот дека знаат оти тоа е единствената можност Прешево, Бујановац и Медвеѓа да се обединат со Косово. Да бидам јасен: Јас на време ја отфрлив опцијата за поделба и размена на територии, напиша Тачи.
Корекцијата на границата, според него, е во полза на Косово, а токму „противниците на овој предлог заговараат поделба и размена на територии“.
– Во една ваква ситуација, навистина не останува друг пат освен ставањето во сила на правото на одлучување на граѓаните на Република Косово, тие да одлучат кој е во право и која опција е во интерес на Косово. Затоа, неопходно е да им се овозможи на нашите граѓани правото на референдум, на што работам за да стане реалност, порача Тачи.
На секојдневните инсистирања на Тачи дека треба да се направи корекција на границите со Србија се спротивставија сите релевантни политички субјекти на Албанците во Косово, а меѓу нив и Кадри Весели, претседател на Собранието и лидер на Демократската партија на Косово (ПДК), партија која Тачи ја водеше до изборот за претседател на државата.
Претходно денеска, косовскиот премиер Харадинај порача дека границите може да се променат единствено со војна. – Границите се воспоставени со војна и само со војна можат да се променат. Греши тој што мисли дека можат да се поместат поинаку, изјави Харадинај во денешното обраќање пред новинарите по седницата на Владата.
Според Харадинај, границите се поставени со последната војна од 1999 година од страна на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и НАТО, а „со заслуги и на тие кои за тоа придонесоа порано“.
На прашањето дали тоа значи дека е против идејата на Тачи за „корекција на границите“, која претседателот најавува дека ќе ја претстави на преговорите со Белград во Брисел, Харадинај рече дека „единствено што е преостанато со Србија е признавањето на Косово во овие граници“.
– Останува само меѓусебното признавање. Со овие граници, со овие права. За тоа го поддржуваме претседателот, порача косовскиот премиер.
Единствен заинтересиран за поместување на границите, според него, е рускиот претседател Владимир Путин, „кој посакува анексија“. – Ние сме дел од американската карта, рече Харадинај.