Косовскиот претседател Хашим Тачи, изјави дека со влезот на силите на НАТО на овој ден во 1999 година, Косово влезе во „нова историска епоха на слободата”.
Тачи, по повод годишнината од повлекувањето на српските сили, рече дека Косово јуни 1999 година влезе во нова ера благодарение на „отпорот на граѓаните, борбата на ОВК, поддршка од САД, ЕУ и интервенцијата на НАТО.”
– Враќањето на раселените во текот на војната ги обележа првите чекори во обновата на Косово, кое во двегодишната војна претрпе голема материјална штета, злосторства, масакри, геноцид и етничко чистење. Во периодот на транзиција, Косово формираше демократски институции и на 17 февруари 2008 година прогласи независност, остварувајќи така втората историска цел по ослободувањето, напиша Тачи.
Тој додаде дека Косово се стреми да се интегрира во евроатланските структури, вклучувајќи го и членството во Обединетите нации и во сите агенции на ОН.
Бомбардирањето на Сојузна Република Југославија, кое започна на 24 март 1999 година, заврши по 78 дена, на 10 јуни, со усвојување на Резолуцијата 1244, по што уследи повлекување на војската и полицијата од покраината и влегување на меѓународните сили.
Според УНХЦР, Косово, од доаѓањето на мировни сили го напуштиле околу 230 000 Срби и Роми, а се вратиле околу 800 000 Албанци.