Пратеничката од опозициското Движење „Самоопределување“, Албулена Хаџиу најави кривични пријави за косовскиот премиер Рамуш Харадинај и министрите во неговата Влада поради одлуката за двојно зголемување на сопствените плати, но и за членовите на Уставниот суд кои пресудија во полза на таа одлука, јавува МИА од Приштина.

Хаџиу, која во име на 30 пратеници на Собранието на Косово го поднесе во Уставен суд барањето за испитување на законитоста на одлуката на Харадинај, за весникот „Зери“ изјави дека одлуката на судот претставува злоупотреба на јавните пари.

Косовскиот Уставен суд, и покрај забелешката на Антикорупциската комисија дека се работи за конфликт на интереси, ја поддржа одлуката на Харадинај да си ја зголеми сопствената плата од 1.430 на 2.950, како и двојно да ги зголеми платите на другите членови на владиниот кабинет. Меѓутоа, корист од оваа одлука ќе имаат и самите членови на Уставниот суд, на кои платата им се покачува од досегашните 1.650 на 3.400 евра.

Харадинај вчера му наложи на министерот за финанси да ја спроведе ретроактивно одлуката за зголемување на платите, со што во јули ќе му се исплатат 3.000 евра плата и уште 9.000 евра ретроактивно од зглоемувањето на платата според одлуката од декември минатата година. Министрите исто така ќе инкасираат по околу десетина илјади евра.