Штом Бугарија прогласува успех, а нашата власт молчи, тоа значи дека се отвора врата за негацијата на македонскиот идентитет, се истакнува во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ во врска со транспарентноста во македонско-бугарските преговори за симнување на ветото за Македонија во ЕУ.

– Власта на СДСМ и ДУИ го става македонскиот народ во подредена положба и со тоа директно задира во идентитетските прашања, македонскиот јазик и историја. Со прифаќањето од страна на историската комисија во нашите учебници да бидат претставени различните перцепции од определен настан на таа држава или за одредена личност, се отвора врата за негаторските позиции кон засебноста на македонскиот идентитет да влезат директно во образовниот процес. Ова само покажува дека со оваа власт поразите се секојдневие. Тоа што бугарската страна прогласува успех, а нашата власт молчи доволно говори какви решенија се подготвуваат во целосно нетранспарентниот процес, се вели во соопштението од опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат за неинформираност и на граѓаните и на пратениците за чекорите што ги презема власта:

– Повторно предупредуваме дека ниту граѓаните, ниту пратениците не се ни приближно целосно информирани што е договорено во историската комисијата и за кој напредок Бугарија прогласи успех. Тајните договори само отвораат сомнежи дека зад затворени врати се договора нова распродажба, не само на Цар Самоил, туку и на целокупната историја, јазик и идентитет, предупредува најголемата опозициска партија во Македонија.

Ова се случува кога двете партии кои се на власт имаат вкупен рејтинг од 13,6 отсто. Двете водечки политички фигури, претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски имаат доверба од 10 отсто од граѓаните.

Опозицијата вчера објави анкета на агенцијата ИПСОС според која претседателот Пендаровски има 6 проценти доверба, а премиерот Ковачевски уште помалку, односно само 4 отсто доверба кај граѓаните на Македонија.