Талибанците денеска, преку руската амбасада во Кабул, побараа од Москва да им пренесе порака на водачите на провинцијата Паншир, која не е под нивна контрола, дека сакаат да воспостават дијалог со нив.
Рускиот амбасадор во Авганистан Дмитриј Жирнов го потврди доаѓањето и барањето на талибанските власти до руските дипломати да испратат порака до лидерите и населението во Паншир дека талибанските единици не се обидуваат да влезат во провинцијата, туку нудат политички дијалог и наоѓање начини за постигнување политички договор.
Паншир е една од 34 -те провинции на Авганистан, во која живеат околу 144.000 лица.
Поранешниот потпретседател на Авганистан, Амрулах Салех, вети дека ќе организира силен отпор против талибанците од неговата родна провинција Паншир.
Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, претходно изјави дека Москва е за политички дијалог во кој ќе учествуваат сите спротиставени сили во Авганистан.