Талибанците презедоа одговорност за синоќешниот напад на резиденцијата на актуелниот авганистански министер за одбрана во Кабул, во кој осум лица загинаа, а над 20 се повредени.
Портпаролот на Талибанците Забихула Муџахид рече дека групата синоќа ја нападнала резиденцијата на министерот за одбрана Бисмилах Кан Мохамади , додавајќи дека таму во тоа време се одржувал важен состанок.
Авганистанскиот министер не бил во својот дом кога беше активирана автомобил-бомба и се разви престрелка во близина на неговата резиденција во утврдената Зелена зона во Кабул. Неговото семејство беше безбедно евакуирано, додека четворица напаѓачи се меѓу осумте жртви во неколкучасовниот конфликт што следеше .
Овој потег доаѓа откако Талибанците ја засилија кампањата за пораз на владата поддржана од САД, откако странските сили предводени од САД го завршија повлекувањето од регионот по 20 години воено присуство.
Неколку часа подоцна одекнаа нови експлозии во главниот град на Авганистан. Утрово се ранети најмалку три лица во експлозија на мина, поставена покрај пат. Во нападот се повредени двајца цивили и еден припадник на безбедносните сили.