Во Националната опера и балет синоќа се одржа јубилејниот концерт на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ насловен „75 години Македонски код“. Според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, „Танец“ покажа и докажа дека земјава со својата богата етнокореолошка традиција зазема маркантно место во семејството на народите кои ја споделуваат својата богата култура со целиот свет.

Честитајќи им го јубилејот на сите вработени во Ансамблот, Љутков им се заблагодари за нивниот придонес во градењето на реномето на оваа институција, која е национален бренд и е гордост на македонската култура.

– Низ својата културна мисија низ децениите, „Танец“, кој го носи епитетот најстар и единствен државен ансамбл од ваков вид, прерасна во достоен репрезент на најубавото, непроценливото македонско фолклорно богатство и творештво кое го потврдува идентитетот на македонскиот народ. Изведувајќи ги „Тешкото“, „Невестинското“, „Комитското“ и другите македонски фолклорни бисери на многубројните настапи на концертни сцени во светот, „Танец“ одигра историска мисија, покажа и докажа дека Македонија со својата богата етнокореолошка традиција зазема маркантно место во семејството на народите кои ја споделуваат својата богата култура со целиот свет, рече Љутков.

Тој изрази уверување дека и во иднина „Танец“ ќе биде врвен промотор на нашата држава, преку кој ќе ја прославуваме македонската култура и традиција, нашето минато, сегашност, но и иднина.

Ансамблот „Танец“ е основан во март 1949 година во Скопје и веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската култура и традиција.

Фото: Министерство за култура и туризам