Арбан Таравари, кој се уште е лидер на Алијанса за Албанците, за вечерва закажа конгрес на партијата.
Тој на конгресот сака да го разреши Зијадин Села, кој е поранешен претседател на партијата и актуелен прв човек на Централното собрание.
Во партијата, која е дел од владејачкото мнозинство, има раскол, откако Таравари се приклони кон партиите кои се дел од албанскиот опозициски блок. Тој вчера најави и дека ќе биде кандидат на албанската опозицијата за претседател на државата.
Зијадин Села се спротивстави на идеите на Таравари и минатиот викенд иницираше негова смена. Села за в недела (18 февруари) закажа конгрес на кој ќе се расправа за разрешување на Таравари.
По расколот во Алијанса беа сменети двајца министри, кои се од крилото на Таравари, министерот за здравство Фатмир Меџити и за администрација Азир Алиу.
Приврзаниците на Таравари, денеска на прес -конференција обвинија дека Села на собирот минатиот викенд го прекршил партискиот статус и дека затоа одлуките што ги донел се нелегитимни. Од крилото на Таравари велат дека печатот на партијата е кај нив, а Села немал мнозинство за разрешување на Таравари.
„Пред вас ги имам изјавите дадени во нотар од 70 членови кои изјавуваат дека не учествувале на Собранието одржано на 10 февруари годинава. Со ова можеме да заклучиме дека Собранието одржано на 10 февруари немаше доволно 2/3 да се свика Конгресот на 18 февруари, а собранието одржано на 10 февруари немаше ниту половина од членовите, така што Собранието е нелегитимно”, рече адвокатот на Алијанса за Албанците, Абидин Абдули.
Приврзаниците на Села, пак, преку соопштение велат дека сè што кажале нивните противници е невистина и е обид за манипулација.