ТАВ Македонија ја повлече одлуката со која бесплатниот пристап на едно возило беше ограничен на еден влез во зоната „Hug & Fly“ на Меѓународниот аеродром Скопје во период од 24 часа, информираат од компанијата.

-Во согласност со својата посветеност кон обезбедување најдобро можно искуство за патниците и посетителите, ТАВ Македонија одлучи дека, сè до имплементацијата на потребната придружна инфраструктура, зоната Hug & Fly на МеѓународниотаАеродром Скопје, засега, ќе продолжи да функционира без промени во досегашните услови и правила за користење, велат од ТАВ Македонија и додаваат дека континуирано ги следат потребите на корисниците и текот на аеродромските операции, со цел да се обезбеди безбеден, ефикасен и едноставен пристап до терминалната зграда за сите патници и посетители.

Нагласуваат дека зоната Hug & Fly останува достапна за бесплатно кратко застанување до 10 минути за оставање и земање патници.

Одлуката за ограничување на бесплатниот влез во зоната „Hug & Fly“ е повлечена откако Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата во рамки на анализата на условите и режимот за користење на зоната „Hug & Fly“ на Меѓународниот аеродром Скопје, од ТАВ Македонија побарала дополнителни појаснувања и релевантни податоци во врска со воведеното ограничување на бесплатниот пристап.