Врховната оперативна команда на вооружените сили на Иран денеска повтори дека Техеран има контрола врз Ормуската Теснина, предупредувајќи ги комерцијалните и воените бродови да се придржуваат кон прописите што го регулираат минувањето низ стратешкиот воден пат или ќе се соочат со последици.
„Управувањето со Ормуската Теснина го вршат вооружените сили на Исламската Република Иран со целосен авторитет“, објави централниот штаб на Хатам ал-Анбија.
Во соопштението се додава дека сите комерцијални бродови и танкери мора да се движат само по одредени правци и да добијат дозвола од Морнаричкиот корпус на Корпусот на Исламската револуционерна гарда.
„Секое кршење на овие прописи сериозно ќе ја загрози безбедноста на нивната пловидба“, објави Врховната оперативна команда, пренесува Ал Џезира.
Иран, исто така, издаде предупредување до странските воени сили што дејствуваат во областа, наведувајќи дека секој обид за мешање во морската пловидба или движењето на бродовите ќе предизвика одговор.




