САД наеднаш ги откажаа претходно утврдените планови да им се одобри азил на мигрантите на двете влезни точки во Тексас, со што се намали надежта на стотици луѓе кои повеќе месеци чекаат во Мексико да влезат во САД, иако новиот американски претседател Џо Бајден вети дека ќе ја измени тврдата политика на неговиот претходник Доналд Трамп кон мигрантите.

Министерството за внатрешна безбедност врз основа на „актуелните оперативни разгледувања“, порача дека моментно не може да соопшти кога ќе им дозволи на мигрантите да влезат преку премините Браунсвил и Ел Пасо.

Минатата недела Министерството соопшти дека ќе почне да ги прифаќа барањата за азил во активните случаи на двата премина, во понеделник и петок.

Портпаролка на Министерството не даде специфични причини за одложувањето на давањето азил, но истакна дека институцијата ќе почне да ги разгледува тие локации кога меѓународните партнери ќе имплементираат одредени мерки, со кои ќе се гарантира безбедноста, здравјето и соодветни процеси.

Бајден во предизборната кампања вети дека ќе ја прекине програмата на Трамп, која ги принуди над 65.000 Латиноамериканци да ги напуштат САД.