Полицијата во американскиот град Галвстоун во Текс се извини откако беше објавена фотографија од двајца полицајци на коњи, а зад нив оди приведен афроамериканец, врзан со јаже.

На фотографијата е 43-годишниот Доналд Нили, со раце врзани зад грб, кого со помош на јаже го води еден од полицајците. Полицијата соопшти дека тој бил уапсен во саботата и обвинет за недозволен влез на туѓ имот и ослободен во неделата, потсетува Си Ен Ен.

Полицијата вели дека она што наликува на јаже, всушност е лента, која била прицврстена за лисиците со кои бил врзан Нил. – Иако оваа техника при користење коњ за транспорт на лица за време на приведување се смета за најдобра пракса во некои сценарија, како што е контрола на маси, таа пракса не е правилно искористена во овој случај, изјави шефот на полицијата на Галвстоун Вернон Хејл, дополнувајќи дека најдобро би било да се почекало на полициско возило.

„Ја разбираме негативната перцепција за оваа постапка и веруваме дека најсоодветно е да се престане со користење на оваа техника“, се посочува во соопштението од локалната полиција откако фотографијата со врзаниот афроамериканец го обиколи светот и веднаш стана вирална, предизвикувајќи згрозување на јавноста со оглед што потсетува на мрачните времиња на американско робовладетелство над црнците.

Адвокатката на семејството Нили откри дека Доналд Нили веќе седум години е бездомник, дека боледува од биполарно нарушување, дека престанал да зема лекови и оти семејството го барало кога фотографијата била објавена на социјалните мрежи, пренесува Индекс.

Фотографијата прва ја објави роднина на приведениот со кус коментар – Ова е толку погрешно. И неговата снаа Кристин Нили, ја објави фотографијата, напоменувајќи дека полицијата го третирала како животно.

– Кога го влечеа Доналд Нили по улица со коњи и јаже, како да ја влечеа целата наша (црнечка) заедница низ улицата. Ова не е 1819. Ова е 2019 година. А глетката не враќа во 1819 – како тоа да се ловци на избегани робови, а Доналд Нили е роб, кого со коњ и јаже го водат по улица, коментираше адвокатот за човекови права Бенџамин Крамп.