Германскиот министер за дигитална администрација Карстен Вилдбергер денеска изјави дека членовите на Бундестагот и федералната влада добиле предупредувања од „Епл“ (Apple) дека нивните телефони „Ајфон“ (iPhone) можеби биле цел на напад од шпионски софтвер.

Вилдбергер изјави за АРД дека „пристигнало известување од компанијата „Епл“ дека одредени уреди можеби биле компромитирани од таканаречен шпионски софтвер“, пренесува Евроњуз (Euronews).

Министерот рече дека, според известувањето на Федералната канцеларија за безбедност на информациите-БСИ (BSI), предупредувањата почнале да пристигнуваат на засегнатите телефони на 29 октомври и дека во нив е наведено дека „Епл“ го открил нападот користејќи „шпионски софтвер“.

Вилдбергер рече дека БСИ „реагирал супер брзо“ и ги известил сите засегнати, со упатства што да прават за да се заштитат.

Тој не кажа колку политичари добиле предупредувања, ниту кои политичари биле цел на нападот.

Според Вилдбергер, БСИ ги советувал засегнатите да претпостават, како мерка на претпазливост, дека нивниот уред можеби е компромитиран, бидејќи предупредувањата не укажуваат дали нападот бил успешен.

Според БСИ, шпионскиот софтвер од овој тип може да им даде на напаѓачите пристап до пораки, вклучително и оние испратени преку шифрирани апликации, како и повици, контакти, календари и податоци за локација.

Исто така, може да го вклучи микрофонот и камерата на телефонот.

Ниту „Епл“ ниту германските власти не посочуваат кој би можел да стои зад нападот. (МИА)