Полицијата во австрискиот град Линц денеска соопшти дека непознати лица ставиле шајки во слатки што им биле делени на деца за време на Ноќта на вештерките. Поради тоа, издадено е предупредување да не се консумираат никакви слатки што децата ги собрале за време на овој празник.

Полициското предупредување – со коешто се повикуват луѓето да не ги јадат слатките што децата ги собрале додека ги посетувале домовите и становите во населбата Линц-Ед, е издадено откако 28-годишен маж пронашол шајки во чоколади и гуми за џвакање што неговите деца ги собрале за Ноќта на вештерките, објави весникот „Дер стандард“ (Der Standard).

Од полицијата наведоа дека шајките пронајдени во слатките биле долги приближно еден сантиметар, а некои од нив не биле видливи однадвор.