Илијана Јотова победи на претседателските избори во Бугарија, покажуваат првичните резултати при сто отсто паралелно пребројување на социолошките агенции регистрирани во Централната изборна комисија.

Податоците од сите агенции за испитување на јавното мислење, како што јави екипата на МИА од Софија, покажуваат водство на кандидатите Илијана Јотова и Кирил Валчев пред Андреј Ѓуров и Георги Кандев.

Според паралелното пребројување на гласовите спроведено од „Маркет линкс“, Јотова победи со 57,4 отсто наспроти 39,6 отсто за Ѓуров. Излезноста изнесуваше 29,1 отсто.

„Алфа рисрч“ објави дека Јотова освоила 57,1 отсто, а Ѓуров добил 39,3 отсто.

И податоците од „Тренд“ покажуваат победа на Јотова со 58,1 отсто од гласовите, наспроти 38,9 отсто за Ѓуров.

Според паралелното пребројување спроведено од „Галуп“, Илијана Јотова води со повеќе од 16 проценти. За кандидатите Илијана Јотова и Кирил Валчев гласале 56,1 отсто, додека за Андреј Ѓуров и Георги Кандев гласале 39,9 отсто.

Одѕивот на денешниот втор круг од изборите, според агенциите за испитување на јавното мислење, е околу 30 отсто.

– Благодарам на сите бугарски избирачи кои денеска го искористија своето право на глас. Едно од најголемите човекови права е да гласаш, изјави вечерва по вториот круг од претседателските избори кандидатот за претседател и актуелен шеф на државата Илијана Јотова.

Таа се заблагодари и на оние кои, рече, не ја поддржаа. – Нивниот глас означува многу затоа што ќе го чуеме тоа што ни го кажаа, рече таа.

Јотова посебна благодарност упати до премиерот Румен Радев.

– Почитуван господине Радев, немаше да можеме да го направиме ова без вас. Никогаш не се поколебавте во вашата поддршка за мене, му се обрати Јотова.

Според неа, со својот глас, луѓето ја отфрлиле, како што рече, агресивната кампања на двојката Ѓуров-Кандев и верувале во „политика која бара соработка и решенија“.

„Водевме позитивна кампања. Не си дозволивме јазик на омраза, конфронтација и поделба, но не го добивме истото. Разговаравме за приходи и мир со бугарските граѓани и тие ја разбраа нашата порака, рече Јотова посочувајќи дека не може да си објасни кој го наведе Ѓуров за таа напаѓачка кампања против нив.

Кандидатот за потпретседател Кирил Валчев пред новинарите истакна дека двојно повеќе гласачи ја поддржаа првата избрана жена претседател на Бугарија во вториот круг

Тој им се заблагодари на Бугарите во странство кои гласале за нив и рече дека тие ќе бидат негов приоритет како потпретседател. – Мојата друга важна задача како потпретседател ќе биде подобро да ја претставувам нашата земја низ целиот свет, рече Валчев.

Според него, посебно внимание ќе обрнат на младите луѓе, за кои рече дека ќе ги поканат за да ги слушнат нивните идеи за иднината на Бугарија.

– Мора да се погрижиме нашите деца да останат во Бугарија, а оние што заминале да се вратат, додаде Валчев.

Бугарскиот премиер Румен Радев, кој присусуствуваше на прес-конференцијата во Националниот дворец на културата заедно со Јотова и Валчев, рече дека Бугарите денеска ја избрале иднината пред минатото, мирот, стабилноста, нормалноста, одржливата и јасна перспектива.

– Завршуваме тешка изборна година, но насоката е јасна, нема враќање кон сенките од минатото од транзицијата, истакна Радев и додаде дека „овие избори ја потврдуваат исправноста на преземениот курс и ја охрабруваат Владата да продолжи со уште порешителни и поактивни реформи“.

Честитајќи им на Јотова и на Валчев, тој посочи дека „во оваа хистерија што се вртеше околу нив“, тие, како што рече, водеа достојна и позитивна кампања.

– Убеден сум дека ќе бидете достоен претседател на Бугарија, се обрати Радев кон Илијана Јотова.

Тој се заблагодари на сите Бугари кои, и покрај лошото време, излегоа и гласаа, сфаќајќи ја, рече, својата одговорност кон иднината.

Поразениот претседателски кандидат Андреј Ѓуров, пак, на вечерашната прес-конференција рече дека, и покрај овој разочарувачки резултат за неговите поддржувачи, „најдоброто допрва доаѓа“.

Тој истакна дека не очекувал таква разлика, но дека, сепак, ги прифаќаат резултатите онакви какви што се, без разлика колку се изненадувачки.

-Така гласаа бугарските граѓани, рече Ѓуров, додавајќи дека создале добра платформа врз која може да се гради.

Како општество и граѓани, рече тој, мора да бараме обединување, а не поделба.

-Постојат работи што нè обединуваат многу повеќе отколку што нè разделуваат, изјави Ѓуров, кој како важни вредности ги посочи – силна Бугарија, достоинствена држава во која, како што рече, „ќе можеме да бидеме спокојни за иднината на нашите деца“.

Ѓуров рече дека не разговарал со ниту еден политички лидер за поддршка, туку за заеднички цели.

Кандидатот за потпретседател Георги Кандев им честиташе на победниците на овие избори и апелираше до бугарските граѓани да го следат исполнувањето на ветувањата што им беа дадени.

Централната изборна комисија треба да ги соопшти официјалните резултати најдоцна 48 часа по завршувањето на изборниот ден.