Најмалку десет Палестинци, меѓу кои и едно дете, загинале денеска во нови израелски напади врз Појасот Газа, објавуваат палестинските медиуми.
Пет лица загинале во напад со дрон во областа ал-Маваси, западно од Кан Јунис, а неколку други биле повредени.
Министерството за внатрешни работи на Хамас соопшти дека петмината загинати биле полицајци и службеници на редовни должности.
Според Министерството, 75 полицајци и службеници биле убиени во израелски напади од стапувањето во сила на примирјето во октомври 2025 година.
Палестински медиуми уште јавуваат дека уште тројца Палестинци, меѓу кои и едно дете, загинале во друг напад на израелските сили западно од градот Газа.
Според нив, вкупно десет Палестинци биле убиени во денешните напади низ Појасот Газа.
Израелската војска потврди дека „нападнала неколку припадници на вооружени групи на северот и на југот на Појасот Газа“.
Во Појасот Газа официјално е во сила примирје од октомври 2025 година, но смртоносните напади продолжуваат.
Израел неодамна повторно ги засили воздушните напади, а војската соопшти дека нејзините цели биле високи функционери на Хамас, исламистичка организација што е прогласена за терористичка.
На 7 октомври 2023 година, припадници на Хамас и на други екстремистички организации убија околу 1.200 лица во Израел и киднапираа уште 251 лице, кои ги одведоа како заложници во Газа.
Нападот предизвика војната во Појасот Газа. Оттогаш, повеќе од 74.500 Палестинци се убиени во Појасот Газа, според податоците на здравствените власти под контрола на Хамас.




