Илијана Јотова има убедлива предност пред Андреј Ѓуров и се очекува да биде следната претседателка на Бугарија, покажуваат првичните резултати од денешниот втор круг претседателски избори, кои како и во првиот круг ги одбележа ниска излезност.
Податоците од сите агенции за испитување на јавното мислење, како што јави екипата на МИА од Софија, покажуваат водство на кандидатите Илијана Јотова и Кирил Валчев пред Андреј Ѓуров и Георги Кандев.
Според паралелното пребројување на гласовите спроведено од „Маркет линкс“, Јотова победи со 57,4 отсто наспроти 39,6 отсто за Ѓуров. Излезноста изнесуваше 29,1 отсто.

„Алфа рисрч“ објави дека Јотова освоила 57,1 отсто, а Ѓуров добил 39,3 отсто.
И податоците од „Тренд“ покажуваат победа на Јотова со 58,1 отсто од гласовите, наспроти 38,9 отсто за Ѓуров.
Според паралелното пребројување спроведено од „Галуп“, Илијана Јотова води со повеќе од 16 проценти. За кандидатите Илијана Јотова и Кирил Валчев гласале 56,1 отсто, додека за Андреј Ѓуров и Георги Кандев гласале 39,9 отсто.
Одѕивот на денешниот втор круг од изборите, според агенциите за испитување на јавното мислење, е околу 30 отсто.

Бугарските граѓани денеска, на вториот круг од претседателските избори, одлучуваа меѓу кандидатските двојки Илијана Јотова -Кирил Валчев и Андреј Ѓуров – Георги Кандев. По првиот круг, во кој ниту една од вкупно 27 кандидатски двојки не освои доволно гласови за победа, претседателската трка се сведе на двајцата кандидати со најголема поддршка.
Првиот круг, одржан на 25 октомври, помина со исклучително низок одѕив. Од вкупно 6,6 милиони граѓани со право на глас, на избирачките места излегоа 1.525.034 гласачи, односно 22.98 проценти. Јотова и Валчев освоија 34,76 отсто од гласовите, додека Ѓуров и Кандев добија 31,95 проценти, со разлика од 42.700 гласови.




