Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки вечерва во Брвеница му честиташе на кандидатот на ДУИ за градоначалник на Општината Аркин Јахиј и посочи дека разликата со нивниот кадидат Стојанчо Радичевски е околу 200 гласа.

-Секако би сакал да им честитам на противниците кои остварија победа во овој изборен циклус. Некогаш против бројките не се може, бројките се тие кои што се. Успеаа да донесат многу луѓе од надвор кои не живеат тука и живеат надвор од границите на оваа тактовина, меѓутоа гласаа за кандидатот на ДУИ и јас би му честитал во оваа прилика, изјави Ковачки.

Жителите од десетте населени места во Општина Брвеница избираат градоначалник откако на 23 јуни 2026 година на 58-годишна возраст почина дотогашниот прв човек на општината, Јовица Илиевски. Функцијата на вршител на должноста градоначалник во изминатите месеци ја извршуваше Роберт Милошески.

Во Избирачкиот список беа запишани 16.256 избирачи од кои 449 се на привремена работа во странство, а во затвор или во притвор се девет избирачи.

Победник на изборите во вториот круг е кандидатот кој добил поголем број гласови. На првиот круг од изборите во Брвеница победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Радичевски со разлика од околу 800 гласови. Во вториот круг одѕивот на гласачите е за околу 10 отсто поголем отколку во првиот. (МИА)