Две новоформирани микрокомпании од Скопје, веќе трет месец учествуваат во спасувањето на Македонија од последиците на светската енергетска криза преку милионски договори склучени со државната компанија Електрани на Македонија (ЕСМ) за увоз на јаглен за РЕК Битола.

Тие, како што пишува порталот Призма, се вклучени во планот на државата да го зголеми домашното производство на струја за 20 отсто.

Кога станува збор за набавките на јаглен и на други енергенси, претставници на ЕСМ не пропуштаат енергично да нагласат дека „компанијата спроведува транспарентни постапки, иако не е законски обврзана на тоа“, имено Законот за јавни набавки го иззема ЕСМ од обврската јавно да ги објавува огласите и одбраните компании. Меѓутоа, ЕСМ истовремено е имател на информации од јавен карактер и како таков подлежи на Законот за пристап до информации од јавен карактер. Сепак, транспарентноста со која се гордее компанијата најголем огласувач ја снемува кога договорите за увозот треба да се објават или да се овозможи увид во нив, како податоци од јавен карактер.

БИРН, на 11 август, повикувајќи се на Законот за пристап до информации, достави барања до државната компанија, за увид во договорите склучени со компаниите Енергија Икс и Куантум Солушнс, кои, заедно со албанската фирма Хај Тауерс, беа избрани на јавниот повик на ЕСМ за набавка на јаглен за комбинатот во Битола, распишан на 31 март, а затворен на 13 јуни.

Од 550-те илјади тони, колку што треба да се достават со оваа набавка, 100 илјади треба да испорача Куантум Солушнс за речиси 6,3 милиони евра, 50 илјади Енергија Икс за околу 3,2 милиони евра, а остатокот е обврска на албанската фирма.

Законскиот рок за да се одговори барањето истече на 31 август, но одговор сѐ уште нема. ЕСМ, ниту го одби, ниту даде какво било образложение зошто договорите не се достапни.

Целиот текст прочитајте го ТУКА.